Спасовски: Врз основа на Деловникот ќе направиме се да се одблокира работата на Собранието

Прес конференција на Оливер Спасовски:

„Денеска во Собранието на Република Македонија, парламентарното мнозинство, врз основа на одредбите од Деловникот за работа на Собранието легитимно побара од претседавачот на конститутивната седница да стави предлог на гласање согласно членот 79 став 2, во кој стои дека во текот на расправата може да се побара да се премине на наредната точка од дневниот ред.

Ова го направивме се со цел да се одблокира оваа седница на Собранието, за да може да се избере претседател и на тој начин Собранието, како највисок законодаваен и претставнички дома на граѓаните, да биде во полна функција. Наместо да се испочитува деловникот и претседавачот со седницата да го стави овој предлог на гласање, заради тоа што во Деловникот, во оваа одредба јасно и прецизно стои дека без расправа се преминува на гласање, уште еднаш Трајко Вељаноски покажа како на најгруб начин се крши Деловникот на Собранието и се узурпира позицијата на претседавач на конститутивната седница.

Се ова го правиме во интерес на граѓаните на Македонија заради тоа што навистина премногу време помина во неплодна дебата, во жалопојки и плачења дека некој треба да премине во опозиција, односно зашто ВМРО-ДПМНЕ треба да остане во опозиција. Не е крај на светот. Лошо е ако граѓаните на Република Македонија не можат да си ги остваруваат своите права, лошо е тоа што многу решенија кои треба да бидат дебатирани и донесени од страна на овој законодавен дом, а се однесуваат на граѓаните не можат да бидат донесени заради оваа блокада. Стечајчите не можат да го остварат своето право, не можеме да дискутираме и донесеме одлука за екстерното тестирање, не можеме да разговараме за зголемување за платите и за многу проекти кои беа понудени пред граѓаните. Од тој аспект сметам дека пред се треба да преовладува разумот и секој од пратениците во Собранието да се однесува одговорно и на позицијата која ја има и која ја добил од граѓаните.

Затоа, врз основа на Деловникот, ќе продолжиме да го бараме она што е наша обврска и во името на граѓаните, да направиме се за да се одблокира работата на Собранието.“