Во организација на Општина Охрид и со поддршка од СВР, Црвен Крст, Извиднички одред „Пионер“, детската градинка и основните училишта, денеска по повод Светскиот ден на здравјето, во паркот наспроти Центарот за култура, се одржаа традиционалните спортски игри „Живеј здраво- Живеј безбедно“ .Учесниците и организаторите ги поздрави градоначалникот Никола Бакрачески.
„Целта на проектот е преку спортот и дружењето да се превенира употребата на дрога, алкохол и цигари, за што учениците од основните училишта, ќе промовираат здрави животни стилови. Нашата обврска како општествена заедница е уште од рана возраст да ги воспитуваме младите од опасностите кои ги демнат и постојано да ги предупредуваме за несогледивите последици од употребата на дрога, алкохол и цигари, зошто тоа се лоши навики кои предизвикуваа сериозни оштетувања на организмот. Општествената заедница и ние како нејзин дел, цврсто сме определени да ја продолжиме борбата против зависностите, преку вакви и слични проекти. Денес, младите преку игра ќе се забавуваат, меѓусебно ќе се дружат и ќе испратат порака до своите врсници дека спортот е само еден од начините да се спротистават на користењето дрога,алкохол и цигари“– рече градоначалникот Никола Бакрачески.
На игрите, заедно со извидниците од одредот „Пионер“, секое од основните училишта имаше своја екипа , волонтерите од Црвен Крст презентираа техники за укажување прва помош, а најмладите од ЈОУДГ „ Јасна Ристеска“ цртаа композиции поврзани со здравиот живот.