Интензивно се подготвуваат реконципираните поставки на Кривопаланечкиот музеј

Градежните активности за реконструкција и реконцепција на поставките во Локална установа Градски музеј, Крива Паланка се завршени. Периодов интензивно се работи на изнаоѓање архивски материјали за периодите од историјата кои ќе бидат опфатени во историската поставка …

Изминатите неколку месеци активно работиме на детални истражувања на повеќе историски периоди од почетокот на 20 век за коишто Архивот на Република Македонија има документи. Неодамна го посетивме и Народниот музеј во Лесковац, Република Србија, каде со колегите, покрај за можна прекугранична соработка разговаравме и за помош од нивна страна околу архивските единици за периодот на Кривопаланечката историја која постои во нивните архиви од периодот на т.н Вардарска бановина која егзистирала до пред Втората светска војна, изјави Драган Величковски, директор на ЛУ Градски музеј, Крива Паланка.

Рече ова е потешкиот дел од работата на поставките, бидејќи архивата од тој период е разлеана низ повеќе фондови низ архивите на Република Србија.

„Понатаму ни следува истражување во Архивот на Софија во Република Бугарија, за да ја комплетираме сликата за нашата општина во 20 век, бидејќи нашата историска поставка завршуваше до почетокот на Револуционерната организација (ВМРО) во Крива Паланка. Во реконципираната историска поставка ќе биде претставен целиот 20 век, почнувајќи до Илинденското востание, Балканските војни, Првата и Втора Светска војна, периодот на Српска окупација меѓу двете светски војни, Крива Паланка во Социјалистичка Република Македонија“, додаде Величковски.

Паралелно се работи и на подготовка на етнолошката поставка.

„Најтешко е прибирањето на визуелен материјал кој треба да биде претставен. Постапката на комплетна подготовка на новите поставки во музејот е процес на долго трагање по архивите, документирање и скенирање во висока резолуција, а се очекува и набавката на аудио-визуелни технички средства кои ќе ја надополат целокупната слика на обновените простории, кои ќе имаат повеќе елементи надвор од традиционалното претставување со кои истата ќе се модернизира“, истакна Величковски.

Toj потенцира дека ЛУ Градски музеј Крива Паланка аплицира и до неколку меѓународни фондации за обезбедување дополнителни средства за предвидената модернизација на поставките и набавка на аудио и видео-хардвери. Во тек е и дигитализација на старите разгледници од градот. Се очекува реконципираните поставки да бидат претставени до крајот на годината.