Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски на средбата со заменик командантот на Копнените сили на САД за Европа, генерал-мајор Тимоти Мек Гваер ја истакна одличната соработка и партнерство со САД во областа на одбраната. Тој додаде дека заедничкото учеството на вежби, како и учеството во мировните мисии, како што е Мисијата „Одлучна подршка“ во Авганистан се потврда за партнерството меѓу двете земји. Министерот Јолевски изрази особено задоволство за можноста за заеднички вежби во Македонија на елитните единици на САД со Полкот за специјални работи на АРМ, активности кои се должат на одлично воспоставената соработка со Командата на специјалните сили на САД во Европа.
Генерал-мајор Мек Гваер во оваа прилика ја поздрави одлуката на министерот Јолевски за испраќање на млади офицери кои ќе бидат идните лидери и носители на одлуки во Армијата Генералот Мек Гваер го информира министерот Јолевски дека и оваа година македонски кадет е примен на воено-воздухопловната академија во Колорадо. Воедно соговорниците изразија подготвеност за натамошно интензивирање на соработката која ќе придонесе за создавање на силна генерација на млади лидери офицери.
На средбата стана збор за можностите за искористување на капацитетите на армискиот полигон Криволак и одржување на заеднички вежби на истиот меѓу АРМ и копнените сили на САД.
Воедно се дискутираше и за придонесот на Армијата на Република Македонија во мировните мисии и идните планови за дополнително ангажирање во мисиите поддржани од Обединетите нации кои се очекува да започнат во втората половина на оваа година.
Во текот на денот генерал-мајор Мек Гваер ќе оствари средба и со началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски, а потоа ќе се одржи и работна средба на работните групи во однос на обуките и идните вежбовни активности заедно со копнените сили на САД за Европа.