Продолжува обновата на фасадите во Скопската чаршија

Во Старата скопска чаршија оваа година ќе бидат обновени фасади на пет објекти во рамките на проектот на Министерството за култура за реставрација на фасади од староградска архитектура. Надлежни се стручни тимови од Конзерваторскиот центар -Скопје кој годишно во својата програма прави проекти за пет фасади што ги изведува наредната година. Планираните пет за 2016 година се изведуваат врз основа на проекти изработени лани.

Една од фасадите е готова и беше претставена денеска, а втората на која интензивно се работи ќе биде завршена за два месеца. Таа се спојува со хотелот „Шар“ кој е, исто така, споменик на културата и за него ќе биде изработен проект оваа година. Двата објекта во Чаршијата ги посети министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која имаше и средба со сопствениците на дуќаните кои се сместени во објектите.

„Ќе почне обновата уште на две фасади за кои тендерската процедура е во завршна фаза, а последната, петта фасада за оваа година, е фасадата на црквата „Св. Спас“ каде што е сместен и Конзерваторскиот центар. Оваа година, исто така, институцијата е задолжена да изработи и проекти за нови пет фасади. Обновата на фасадите во старите градски јадра е крупен проект на Владата и на Министерството за култура кој сe планира до крајот на 2018 година да биде целосно завршен. Верувам дека за сите занаетчии и дуќанџии кои работат тука, од огромна важност е обновата на фасадите и задржувањето на архитектонскиот стил на Чаршијата“ – изјави Канческа-Милевска.

Во соработка со Град Скопје и Општина Чаир, во изминатиот период се реализирани повеќе активности од Програмата за ревитализација на Чаршијата која беше донесена во 2009 година. Поставени се канделабри, ознаки и насоки, направено е и хортикултурно уредување на просторот. За Старата скопска чаршија беше донесен и посебен закон со кој се пристапи кон интегрирана заштита на ова културно наследство и симбол на мултикултурализмот во главниот град.

За заживување на Чаршијата, Министерството поддржува голем број културни настани кои се организираат таму, што резултира и со поголема посетеност од туристи.

Отстапени се и простори за институции од културата – три му се дадени на Друштвото на ликовните уметници (ДЛУМ) (две ателјеа каде што творат уметниците Решат Амети и Данчо Ордев и простор во Безистенот во кој има кафетерија и галерија за изложби), а два простора во Капан ан им се доделени на занаетчии (за изработка на филигран и за здружението „Женски форум“). Канческа-Милевска нагласи дека доделувањето простори ќе продолжи откако за некои објекти ќе бидат расчистени имотно-правни прашања.

Врз основа на потпишаниот договор со Турската агенција за соработка и развој ТИКА, во Чаршијата ќе почне и непосредна заштита на џамиите на територијата на Чаршијата. Во соработка со Конзерваторскиот центар, Општина Чаир, ТИКА и градот Бурса, ќе се обновува и комплексот на Јигит-паша.

minister_4