Готова катната гаража „Смилевски конгрес“

Катната гаража се простира на површина од околу 6.000 метри квадратни, има 169 паркинг места и деловни простории од околу илјада метри квадратни. За нејзината изградба се вложени 4,5 милиони евра. Опремена е со најсовремен видео надзор, а наскоро ќе бидат поставени и паркомати преку кои ќе може да се плаќа паркингот со пари или картичка, а ќе има и специјална служба каде граѓаните на кои им е потребно ќе може да добијат потврда за платена сметка или пак да ја платат сметката доколку не се во можност тоа да го направат преку паркоматот.

Задоволен сум што катната гаража Смилевски конгрес наспроти Македонскиот народен театар е веќе завршена,но за жал два и пол месеци чекаат од општина Центар да добијат употребна дозвола и не знам зошто се одоговлекува и дали станува збор за политички или технички мотиви. Се надевам дека општина Центар ќе си ја заврши својата задача зашто илјадници граѓани секојдневно ќе ја користат оваа катна гаража која е во строгиот центар на градот, изјави Груевски.

Тој истакна дека преку проектот на Владата за изградба на катни гаражи заедно со Град Скопје веќе се реализирани 6 катни гаражи во централното градско подрачје и е реконструирана подземната гаража под МОБ.

Шест катни гаражи се завршени, а седмата што беше во план беше стопирана од новото раководство на општина Центар. Заедно со подземната гаража под МОБ која има капацитет од 600 места во најголема мерка е решено прашањето на паркирање на возилата во строгиот центар на Скопје, рече Груевски и додаде дека некои приватни компании изградија или градат катни гаражи во централното градско подрачје.

Искористеноста на катните гаражи, како што посочи, се движи од 80 до 90 отсто.

Можам да кажам дека проектот на Владата заедно со градот и со општина Центар во времето на Тодоровиќ се заокружува. Добрата искористеност на катните гаражи покажува дека постоела голема потреба за нивна изградба и дека беше неоправдана критиката кон Владата дека тоа не е приоритет во моментот. Неможе центарот на метрополата да остане без места за паркирање и луѓето да паркираат по плоштади, паркови и тротоари,потенцира Груевски.