Мисијата во состав: г-ѓа Ана Сидоренко, претставник од Центарот за светско наследство на УНЕСКО; г-ѓа Маја Васиљевиќ од Меѓународната унија за конзервација на природата и г. Пјер-Мари Трико, претставник од ИКОМОС, во изминатите денови активно реализираше средби со надлежните институции во насока на извршување увид во спроведените активности на терен и оцена колку се рeализирани препораките на УНЕСКО донесени во Истанбул, минатата година на состанокот на Комитетот на светско наследство.
Министерката за култура Канческа-Милевска на средбата со експертите од УНЕСКО истакна дека Министерството за култура заедно со Националната комисија на УНЕСКО беше координатор на сите активности по кои требаше да се постапува согласно со Одлуката на Комитетот за Светско наследство на УНЕСКО. Притоа, Канческа-Милевска го нагласи партнерскиот однос што Република Македонија го негува со оваа еминентна организација и кој се одликува со поддршка на многубројни иницијативи и реализација на голем број проекти во областа на културата, заштитата на културното наследство, образованието, науката, информатичкото општество и животната средина.
Министерката за култура, која е и претседател на Националната комисија на УНЕСКО при Министерството за култура, потенцираше дека мошне активно и со целосна посветеност се следеа и се имплементираа сите препораки кои се содржани во Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, за што беше информирана и Владата на РМ.
Министерката за култура и експертите од УНЕСКО ги разменија своите размислувања околу актуелните проекти кои се реализираат во Охрид и кои се однесуваат на заштитата на културното и природното наследство, меѓу кои се и изградбата на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник и заштитата на старото охридско јадро.
Експертите од УНЕСКО нагласија дека целта на посетата е да се добијат информации и да се видат напорите, проектите и напредокот во нивната имплементација од страна на централната, но и од локалната власт, во заштитата на културното и природното наследство и спроведувањето на забелешките од УНЕСКО од минатата година на 40-тата седница одржана во Истанбул. По извршениот мониторинг од страна на мисијата, како и по состаноците и консултациите, ќе бидат презентирани нивните натамошни насоки и препораки.
Експертската мисија на УНЕСКО во изминатите денови оствари и работни средби со повеќе надлежни институции. Во рамките на посетата на Охрид, експертите од УНЕСКО ги посетија локалитетот Плаошник, црквите „Св. Богодорица Перивлепта” и „Св. Софија”, Галеријата на икони, Античкиот театар, локалитетот „Манчевци” и повеќе објекти на кои се преземени конзерваторски активности, како и националниот парк „Галичица“, но и неколку точки од локациите предвидени за реализација на инфраструктурните проекти А2 и А3, како и избрани точки од локациите предвидени за реализација на инфраструктурниот проект железничка делница на Коридор VIII.