Велигденските празници го навестуваат првиот продолжен викенд оваа пролет. Пред нас се прекрасни празнични денови кои ќе ги поминеме во семејно опкружување исполнето со многу љубов и благосостојба и ќе одмориме од секодневните обврски.
Водејќи се од минатогодишните искуства, кога за време на празници и продолжени викенди значително се зголемува интензитетот на сообраќајот, а со тоа и бројот на сообраќајни незгоди, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, до сите учесници во сообраќајот, апелира:
– возете одговорно и почитувајте ги сообраќајните правила и прописи
– почитувајте ја поставената сообраќајна сигнализација, и посебно внимавајте на патните правци каде што има можност од одрони или се вршат градежни работи на патот
– не управувајте со моторно возило ако сте под дејство на алкохол, макар и со испиена една чашка-две и
– почитувајте ги правилата за ограничување на брзината
Да не дозволиме спокојството и мирот од овие прекрасни празници да се претворат во нечија семејна трагедија само како последица на нечија грешка, погрешна одлука, нетрпеливост, непромисленост, желба за докажување, итн.
РСБСП посебен апел упатува до младите возачи, како најранлива категорија учесници во сообраќајот, трезвено и одговорно да учествуваат во сообраќајот бидејќи само така ќе пристигнат безбедно на саканата десинација.
„Совесното учество во сообраќајот е одраз на одговорни и стабилни лица и затоа уште еднаш апелирам за младост без лудост, за одговорно и внимателно учество во сообраќајот затоа што сообраќајот не е игра, а последиците и загубите од сообраќајните незгоди се фатални, трајни и ненадоместливи“–потенцира претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, м-р Стојче Стаменковски.
Оние кои одлучиле да отпатуваат на подалечна дестинација, РСБСП ги советува:
– задолжително испланирајте го своето патување,
– направете техничка проверка на возилото и
– патувајте одморени и концентрирани.
Праксата покажува дека за продолжените викенди сообраќајниот метеж го отежнува возењето, но бидете толерантни и трпеливи, не престигнувајте непрописно, држете безбедно растојание и избегнувајте слалом возење.
„Безбедното одвивање на сообраќајот на патиштата зависи од сите нас поединечно, од нашите лични одлуки и дејствија кои ги преземаме. Да не се каеме за последиците, да бидеме благовремено одговорни учесници во сообраќајот. Внимателно и одговорно учество во сообраќајот, внимателно возење за безбедни и убави празници“-е апелот кој во пресрет на празниците до граѓаните на Република Македонија го испрати државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, м-р Сања Димитриевска.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ви посакува безбедни празници.