Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до припадниците на АРМ, вработените во Министерството за одбрана и сите граѓани на Република Македонија од христијанска вероисповед.
„Големиот празник, Воскресение Христово – Велигден, ги истакнува највозвишените човекови вредности, љубов, мир, меѓусебното почитување, разбирање и помагање. Наша должност е да ги негуваме овие вредности. Христос нè учи љубовта да нè води во нашиот живот. Љубовта кон Бога, кон нашата татковина, кон нашите блиски, соседи и правењето добри дела носат благодет, просперитет и спокојство во нашите души. Да си правиме добро еден на друг, да си помагаме и да се почитуваме.
И овогодишните Велигденски празници да ги прославиме во духот на Христовото учење, со љубов, слога и заедништво, правејќи го најдоброто за нас и за нашите поколенија, како вистински христијани и горди Македонци. Гордост е да потекнуваш од Библиска земја како Македонија и сигурен сум дека со божјата воља и љубов ние ќе одиме напред, кон просперитет, кон подобар живот, кон посилна Македонија.
Нека Вашите домови бидат исполнети со љубов, радост, бериќет и спокој.
Нека ни е честит Велигден!
Христос воскресна!“