Вчеравечер во Националниот театар во Будимпешта во чија организација е престижниот меѓународен театарски фестивал МИТЕМ, беше чест и гордост да се биде дел од Македонскиот народен театар. Ансамблот на МНТ повторно ја покажа својата креативност, посветеност, љубовта и вербата со кои сите заедно ја одиграа „Животот е прекрасен“. Се останато за минатата вечер кажува аплаузот на публиката, вели директорот на МНТ, Дејан Пројковски. После средбата со публиката и критиката на тркалезната маса претставата беше оценета како висок естетски чин, а актерскиот ансамбл на МНТ беше истакнат за врвна актерската игра, во која секој актер својата улога ја креирал со измерени гестови до перфекција.
Изведбата на „Животот е прекрасен“ на четвртото издание на меѓународниот театарски фестивал МИТЕМ, предизвика големи овации кај унгарската публика. Изведбата на „Животот е прекрасен“ беше проследена со аплаузи на отворена сцена како и на самиот крај, во преполна сала , на крајот ансамблот беше поздравен со долг аплауз и овации.
МНТ со оваа исклучителна претстава во режија на Александар Морфов беше во селективната програма во конкуренција на извонредни продукции од 11 земји/Данска, Полска, Литванија, Летонија, Македонија, Унгарија, Норвешка, Италија, Русија, Романија и Шведска, со најистакнатите уметници на театарот во Европа, врвни театарски куќи и претстави потпишани од светски познати режисерски имиња: Еуџенио Барба, Валериј Фокин, Атила Видњански, Давид Дојашвили,Томас Ричардс, Виктор Рижаков, Александар Морфов, Ана Петерсон, Раду Африм, Алвис Херманис, Искандер Сакаев, Римас Туминас, Силвиу Пуркарете, Еимунтас Некрошиус и други.
Ова исклучително гостување кое е од универзалната значајност и вредност, МНТ долго ќе го памети, а за актерската екипа како презентер и во состав на: Никола Ристановски, Николина Кујача, Биљана Драгичевиќ – Пројковска, Сашко Коцев, Тања Кочовска, Емил Рубен, Гораст Цветковски, Славиша Кајевски, Никола Ацески, Александар Ѓорѓиоски, Арна Шијак, Тина Трпкоска, Александар Микиќ, Никола Стефанов, Александар Михајловски, Кире Ѓоревски, Марија Новак, Драгана Левенска, Никола Кимовски, Марија Димитрова, Анастазиа Христовска и оркестарот „Раскрши се“ ја потврди својата значајност и вредност на европската театарска мапа.
Актерската екипа која ја пренесе својата креативна енергија, љубов, уште еднаш го потврди големиот успех и на меѓународен план. Секако големи честитки доби и техничката екипа која неуморно ја следи оваа комплексна претстава.
За Македонскиот народен театар на фестивалот МИТЕМ ова е второ гостување, театарот учествуваше и пред две години со претставата Вечната куќа во режија на Дејан Пројковски. Но МНТ не застанува тука… по „Винер фествохен“ во Австрија со премиерната изведба на „Соларис“ и гостувањето на фестивалот во Клуж со претставата „Електра“, продолжува да учествува на најпрестижните европски фестивали, и со тоа покажува дека е дел од европската театарска мапа заедно со големите национални театарски куќи. МНТ оваа година ќе биде дел од официјалната програма на МЕСС, а пота следуваат гостувања во Грац, Виена, Загреб, Белград, Подгорица, Хамбург, Берлин, Торонто.
Животот е прекрасен е претстава која има големи успех кај македонската публика а тоа го докажа и на меѓународниот план.
На 20-тото јубилејно издание Златна Бубамара на популарноста беше избрана за најпопуларна претстава за 2016 година, а на 51-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ наградата за најдобра машка улога ја доби актерот Никола Ристановски за маестралната изведба на Подсекаљников, а наградата за женска епизодна улога ја доби актерката Биљана Драгичевиќ – Пројковска за улогата на Серафима Илинчина.
По враќањето на екипата од Будимпешта во Скопје, следните изведби на хит претставата „Животот е прекрасен“ се на 23 и 24 април со почеток во 20 часот. Билетите се веќе пуштени во продажба на билетарницата во МНТ по цена од 300 денари, а на гледачите им овозможуваме билетите да ги купат преку online мрежата Купи карти за се.