„Дениција“ во Брисел – Љубовен молотов коктел од Македонија

Театарската кореодрама „Дениција“, работена според истоимената поема на великанот на македонската книжевност Петре М. Андреевски, ќе биде изведена во рамките на фестивалот „Балкан трафик“ во Брисел, на 23 април во познатиот театар-кабаре „Ос а Моел“.

Оваа копродукција помеѓу Народниот театар од Охрид и парискиот театар „Иси е ла“, ќе ја доживее својата европска премиера. Овој театарско-поетски чин е авторски сон на Константин Плевнеш, режисер и композитор на оргиналната музика, во која се појавува една исклучителна уметничка екипа од Македонија: Во улогата на поетот настапува првенецот на Драмскиот театар од Скопје, Рубенс Муратовски, во улогата на Дениција, младата актерка Димитрина Мицкоска, а во улогата на божицата Талија, Саша Ефтимова од МОБ. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите се на Марија Пупучевска, уметнички соработник е Флориан Габер од Париз, видео-арт на Милчо Узунов, и Сергеј Андреевски со серијалот на слики инспирирани од Дениција.

Претставата е веќе најавена на интернет страната на бриселскиот фестивал, како „љубовен Молотов коктел од Македонија“ и предизвикува голем интерес кај публиката.

https://www.osamoelle.be/nos-spectacles/barnab%C3%A9