Со воведувањето на поливалентните вакцини се направи сериозен позитивен исчекор во имунизацијата во Република Македонија и горди сме што веќе по 80.000 дози од петвалентните и шествалентните вакцини се искористени, изјави министерот за здравство Никола Тодоров, на одбележувањето на Европската недела на имунизација.
„Станува збор за безбедни и прочистени вакцини, од кои што несаканите реакции се многу мали. Очекувам вакцинацијата да продолжи со одлично темпо и во наредниот период, имајќи предвид дека Македонија е една од земјите со највисок опфат на вакцинација и со тоа треба да сме горди и не треба да дозволиме да се намали“, изјави Тодоров.
Нагласи дека во делот на вакцинацијата за морбили, родителите не треба да се двоумат и да ја одложуваат, туку напротив децата да ги вакцинираат бидејќи, како што рече, станува збор за многу квалитетна белгиска вакцина, која подолг временски период се користи во Македонија.
Тодоров потенцира дека сите вакцини кои се увезуваат во Македонија задолжително мора да се во календарот и да се одобрени од Светската здравствена организација.
„Никогаш не се случило Македонија да увезе или стави во промет вакцина, која не е на листата на СЗО, односно ги поминала сите ригорозни контроли и е одобрена за користење. Претежно станува збор за вакцини од земји членки на Европската унија,“ нагласи Тодоров.
Прашан дали процентот на родители кои не сакаат да ги вакцинираат своите деца расте и кои се причините, министерот Тодоров рече дека има мало намалување на опфатот на вакцинација за морбили.
„Станува збор за мало, незначително намалување. Ние се трудиме да нема ниту такво намалување, односно да има постојана тенденција на зголемување на опфатот на вакцинација. Затоа апелирав родителите да не се двоумат и да не го одложуваат вакцинирањето за морбили. Станува збор за сериозно заболување што брзо се шири и еден случај може за кратко време да предизвика голем број на случаи, особено во летниот период кога, условно кажано, може да се увезе ова заболување поради поголемата фреквенција и патување на луѓето“, изјави Тодоров.
Во однос на тоа дека според СЗО е потребен опфат од над 95 проценти за да има колективен имунитет и што може да се направи за зголемување на опфатот, Тодоров рече дека не треба да се подлегнува на дезинформации пласирани од лица кои се недоволно стручни.
„Треба да се следат препораките од СЗО, во која се најголемите експерти за овој сегмент. Многу често дезинформациите се пласирани од лица кои имаат сериозно ограничени познавања во овој сегмент и несвесно прават голема штета на целата држава и можат да направат сериозна штета и за колективниот имунитет на населението,“ изјави Тодоров.
Европската недела на имунизација под мотото „Заштити, спречи, вакцинирај!“ во Македонија беше одбележана во Зоолошката градина во Скопје, во организација на Министерството за здравство, а во соработка со Канцеларијата на Светската здравствена организација во Македонија и Здравствениот дом-Скопје.
На одбележувањето на Европската недела на имунизација, што се организира по 12. пат, настапи и рецитали имаа ученици од повеќе основни училишта од Скопје и деца од хорот „Златно славејче“. Настанот имаше за цел преку забава да се информира и потсети на бенефитите од вакцините и фактот дека со помош на вакцините се елиминирани и во голема мера се редуцирани многу тешки заболувања, како што се вариола вера, дифтерија, парализа и други заразни заболувања.