Во кабарето „Ос а Моел“ во Брисел беше изведена европската премиера на театарската корео-драма „Дениција“, драмската презентација на историската поема на великанот на македонската книжевност Петре М. Андреевски.
Со изведбата на оваа копродукциска претстава работена заеднички од Народниот театар од Охрид и парискиот театар „Иси е ла“ беше затворен фестивалот „Балкан Трафик“, а оценките за претставата се дека нејзината поетска, музичка и кореографска сила ги освоила срцата на белгиската публика.
Рубенс Муратовски, Димитрина Мицкоска и Саша Ефтимова беа наградени со долготрајни аплаузи, а заслуга за успешното презентирање секако имаат и сценографот Валентин Светозарев, костимографијата на Марија Пупучевска и техничката поддршка на претставата со серијата слики на Сергеј Андреевски и видео-проекциите на Милчо Узунов.
Потврда за успешниот настап во Брисел и македонската уметничка екипа е предлогот на директорот на театарот „Ос а Моел“ Самуел Бернард до директорот на охридскиот театар Горан Стојановски за потпишување меморандум за соработка меѓу Брисел – престолнината на ЕУ и Охрид, градот на УНЕСКО.