Во Брисел одржани мултилатерални консултации Македонија – НАТО

Денеска во седиштето на НАТО во Брисел, се одржаа редовните мултилатерални консултации помеѓу Република Македонија и НАТО–Алијансата, состанок на кој учествуваа заменик-министерот за одбрана, Беким Максути, државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска-Ристова и висока делегација на Министерството и на Армијата на Република Македонија.

„Денес во седиштето на НАТО во Брисел, заедно со државниот секретар Чуповска-Ристова и делегација на Министерството за одбрана и на АРМ учествувавме на Мултилатералните консултации (ПАРП) меѓу Република Македонија и Алијансата. Во овие консултации уште еднаш потврдивме дека стратешки акцент на Република Македонија е зачленување на нашата земја во НАТО. Со соговорниците ги допревме сите прашања во однос на реформите и се што е постигнато во текот на минатата година и сите сугестии, односно добронамерни забелешки од страна на НАТО во однос на тоа како треба да се движиме понатаму сè до полноправно членство во Алијансата“, истакна заменик-министерот Максути.

Државниот секретар Чуповска-Ристова, истакна дека на денешните консултации во седиштето на Алијансата, особена почит е оддадена кон Македонија за придонесот што го има дадено во поглед на мировните операции предводени од НАТО, Европската унија и Обединетите нации.

„Значително е поддржан фактот што Република Македонија има остварено напредок во делот на регионалната соработка во низа проекти што ги спроведуваме на регионално ниво, како што е оној што во 2016 година се отвори седиштето на Балканските медицински и наменски сили што ќе биде со перманентно седиште во Република Македонија. Во овој проект учествуваат неколку балкански земји со цел да постигнеме распоредливост на овие Балкански медицински наменски сили во случај на кризни потреби или други состојби на целиот балкански регион. Дополнително, најголемо внимание се посвети на процесот за модернизација и опремување на Армијата, кој е во тек“, истакна Чуповска-Ристова.

Инаку, денешните консултации во седиштето на Алијансата во Брисел се во функција и на очекувањата од Република Македонија годинава да го отвори 18-тиот циклус на Акцискиот план за идно членство во Алијансата (МАП), при што во овој дел, македонската држава е исклучително вреднувана за соодветните придонеси што ги има остварено во сите партнерски цели.