Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во соработка со Град Скопје, АМСМ и партнерите, со креативни идеи за подобрување на безбедноста на младите во сообраќајот, во рамки на кампањата „Младост без лудост“, денес во АСУЦ „Боро Петрушевски“–Скопје, организираше јавен настан за означување на почетокот на акцијата „Безбедни млади возачи“, која е составен дел од кампањата „Младост без лудост“.
Со цел подигнување на свеста за последиците од сообраќајните незгоди, на денешниот настан во АСУЦ „Боро Петрушевски“, беше означен почетокот на акцијата „Безбедни млади возачи“, преку презентација на уништено возило во сообраќајна незгода. Истото, наредниот период ќе биде изложено во повеќе средни училишта во Скопје, а покрај неговата изложба, ќе бидат организирани и симулациони вежби за сообраќајни незгоди со настрадани млади лица. Идејата е младите да бидат сведоци на сообраќајна незгода и на еден ваков суптилен начин да добијат чувство за последиците од сообраќајните незгоди.
Покрај тоа, во рамки на акцијата, ќе биде организирана презентација на таканаречените „пијани очила“, кои ќе помогнат младите да дојдат до реални сознанија за тоа каква е нивната перцепција и нивните моторни способности кога се под дејство на алкохол и како алкохолот влијае на нивната способност за управување со моторно возило.
Едукација на младите за сообраќајните правила и прописи и нивно поттикнување за навремено полагање испит за возачка дозвола, беа мотив плус, РСБСП во соработка со автошколите од АСУЦ „Боро Петрушевски“ и автошколите „Ива обука“, „Мартин“, „Шкорпион“ и „Јарди“, денес да објават јавен повик за наградно натпреварување за познавање на сообраќајните правила и прописи. Право на учество имаат средношколците од четврта година, кои немаат возачка дозвола, а наградата е ваучери кои можат да ги искористат во рок од една година:
• 1 Ваучер за бесплатно полагање за „Б-категорија“
• 5 Ваучери за бесплатно полагање на „АМ Категорија“
• 10 Ваучери со 50% попуст за „Б-категорија“
Едукацијата на учениците – младите, за сообраќајните правила и прописи, останува во фокусот на работа на РСБСП и за таа намена, изготвен е „Прирачник за возачи почетници“ кој ќе биде дистрибуиран до нив, а ќе бидат организирани и едукативни предавања во сите средни училишта во Скопје.
Во рамки на кампањата „Младост без лудост“, во соработка со Винер Осигурување, изработени се 1000 табли со едукативни пораки за младите и нивната безбедност во сообраќајот кои ќе бидат дистрибуирани до сите средни училишта во Република Македонија.
„На самиот почеток рековме дека станува збор за добра, содржински богата кампања, во која ќе се обидеме на сите можни начини да го свртиме вниманието на младите за нивно одговорно и безбедно учество во сообраќајот и во таа насока дејствуваме. Апелирам до младите, до нивните родители и до сите граѓани на Република Македонија, да ја поддржат оваа кампања, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да се обидат да дејствуваат превентивно и едукативно на своите блиски, со цел да ставиме крај на црната чума која секојдневно одзема многу млади животи на патиштата во Република Македонија“ – изјави претседателот на РСБСП, Стојче Стаменковски, по повод денешниот настан.