Нови можности за нови вработувања – пет ново објавени огласи за вработување

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски на прес конференција за медиумите информираа за вкупно пет огласи за вработување кои се објавени преку Агенцијата за вработување на Република Македонија.

„Четири од огласите се за мерката кредитирање, односно за самовработување и за отворање на нови работни места од кои што два се конкретно насочени за младите лица. Ќе ја спомнам онаа која што е најатрактивна за вработување на младите лица до 29 години кои што сакаат да се самовработат, односно да основаат сопствена компанија и да отворат плус дополнителни работни места во рамките на ново отворената приватна компанија. Сите заинтересирани млади лица кои што имаат бизнис идеја и кои што сакаат да ја реализираат можат да подигнат кредит за основање на сопствена компанија до 5.000 евра за носителот на кредитот и дополнително по 4.000 евра за секое ново отворено работно место односно кредит во вкупен износ до 23.000 евра под навистина поволни услови со 7 години рок за отплата и една и пол година грејс период со каматна стапка од само 1 % годишно“, информираше Спасов.

Тој истакна дека во тек е и огласот за давање на земјоделско земјиште во државна сопственост на плодоуживање за социјално загрозените лица и за корисници на социјална парична помош преку Министерството за земјоделие.

„Би сакал да ги информирам сите заинтересирани корисници на социјална парична помош, односно околу 30.000 домаќинства во Република Македонија дека може да ја искористат оваа можност да аплицираат и да добијат на плодоуживање земјоделско земјиште до 3 хектари. Вкупно на располагање во 11 општини во нашата држава се ставаат 133 хектари за оваа намена. Јавниот оглас трае 30 дена од неговото објавување и притоа би сакал да потенцирам дека примателите на социјална парична помош коишто ќе аплицираат за да добијат земјоделско земјиште на плодоуживање и коишто ќе се регистрираат за земјоделци, во наредните 2 години нема да ја изгубат социјалната парична помош, односно ние како Министерство и понатаму ќе продолжиме да им го исплаќаме износот на социјалната парична помош и плус социјално осигурување за цели 2 години. Ова е дополнителен поттик за сите оние приматели на социјална парична помош коишто сакаат да работат, односно како земјоделци да аплицираат на овој оглас којшто е објавен од страната на Владата на Република Македонија да добијат на плодоуживање земјоделско земјиште и плус дополнително финансиски средства од страна на Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија и дополнително да им бидат платени и социјалните придонеси“, рече Спасов.

На крајот, тој ја потенцираше успешноста на мерките за кредитирање и истакна дека за овие четири мерки кои континуирано се објавуваат изминатиов период, односно од 2007 до 2014 година, вкупно имаат аплицирано 7.311 лица, додека, пак се постигнати вкупно 4.179 вработувања од коишто се уште се на работа најголемиот број на вработените, односно 3.828 лица. Додека, пак, кај младите лица до 29 години преку овие мерки за кредитирање, досега имаат аплицирано 2.139 млади лица, а лица кои што се вработиле се вкупно 1.338 млади лица до 29 години, бројки кои само ја потврдуваат можноста ја даваат овие мерки да се отворат нови работни места и да се вработат што е можно повеќе граѓани во нашата држава.