Книгата „На крајот таа градина“ на Горан Чолакхоџиќ од Хрватска е добитник на наградата „Мостови на Струга“ за 2017

Книгата На крајот таа градина од младиот хрватски поет Горан Чолакхоџиќ е добитник на интернационалната награда „Мостови на Струга“ која Струшките вечери на поезијата ја доделуваат во соработка со УНЕСКО за најдобра дебитантска книга од млад светски автор.

Горан Чолакхоџиќ е роден во 1990 година во Загреб, а живее во Самобор. На Филозофскиот факултет во Загреб дипломирал и магистрирал на студиите за романски јазик и книжевност и на англиски јазик и книжевност. Досега превел четири книги од и на јазиците на кои специјализирал, самостојно или во соработка со други преведувачи. Во 2016 година е избран да учествува во проектот Версополис, како претставник на Хрватска. Неговите песни се преведени на англиски, романски, полски и холандски јазик.

Книгата На крајот таа градина е објавена во 2015 година, како награден ракопис со престижната хрватска награда „Горан за млади поети“, во конкуренција од седумдесет и еден пристигнат.

Со наградата „Мостови на Струга“ е наградена со уште една престижна интернационална награда, со што добива упте едно дополнително вреднување и потврда на несомнените уметнички вредности. Во една исклучителна конкуренција од дваесет пристигнати книги, На крајот таа градина е наградена заради автентичниот поетички став во третманот на односот на човекот и природата, на вечните теми на минливоста, на постоењето и смртта итн.

Оваа книга ја одликува едно игриво пеење, кое секогаш отсликува некаква просторност, секогаш го става лирскиот субјект во еден предел во кој човекот и природата се и во судир, но и во согласје. Тој простор го чини градината, која е едно особено место, каде оградена од градот и од архитектонско-урбанистички уредениот простор, постои природата, она што расте, разлистува, цвета, живее, угинува, гние, бива спалено. И нема скоро ниту една песна во која нешто не расте, во која не се појавува некое растение, во која нешто не е поврзано или не никнало од земјата, или пак таа е обработувана. Преку тоа Чолакхоџиќ изнаоѓа еден особен и вешт начин да развие свесност за времето и временоста на нештата, за нивната минливост, за таа игра меѓу животот и смртта. Премините на годишните времиња, протекувањето на времето како потврда за границите и ограниченоста е показ дека телесноста човечките битија е еднакво кревка и минлива како и на растенијата низ преобразбите на природата. Поетската градина на Чолакхоџиќ, како и секоја друга градина ги подразбира односот кон земјата, знаењата за обработката, за тоа како нешто грижливо се огледува, но овде реконтекстуализирани во еден поинаков поетски светоглед, зашто оваа поезија е далеку од некаква дескрипција на пејзажи, на некакви природни предели, и тие пред сѐ служат да отсликаат мигови и сцени од едни контемплативни простори во кои е е сместен лирскиот субјект на неговата поезија.

Градините отсекогаш било особено место, од религијата (како на пр. Рајската градина, Гетсиманската градина итн.) до уметноста, секогаш се места каде нешто пресвртно, значајно и драматично се случува, или пак се скришни, служат за бегство, за лутања. Градината на Горан Чолакхоџиќ како да не сака да се обеспредмети, да ја изгуби сетилноста и да стане некаков апстрактен простор, да се претвори во симбол. Обилното присуство на мирисите и боите, интенционалното употребување на топоними, на прикази од секојдневието во еден простор на кој тој се стреми да му даде некаква лоцираност, сепак, не испеваат да одолеат на онеобичувањето тој простор низ поетските слики, и тој станува личен поетски предел.

Поетската книга На крајот таа градина е еден минуциозно конципиран и изведен книжевен потфат. Иако веројатно не е однапред осмислена како концептуална книга, туку напишаните песни се отпосле подредени низ петте циклуси во една хипер структура, која е своевидно внимателно метатекстуално преуредување, и која овозможува нивно проникнување.

Но и покрај тоа што таа и во формална и во содржинска смисла е хетерогена, еден од неспорните квалитети со кој се одликува и ја покажува зрелоста и мајсторството на Чолакхоџиќ е и тоа што успева да го покаже единството на концепцијата и отелотворувањето на поетските идеи низ три различни изразни форми со кои се користи, од слоботен стих, преку необично римувани и ритмизирани стихови, до песни во проза. Тој не е поет на јазикот, кој ги проширува неговите можности, туку на поетската слика. Дури и како да не се ни осмелува да стане премногу интелектуален поет. По малку и изненадувачки е фактот што ете, повторно во 21-от век, низ еден автентичен третман, во еден многу подруг книжевен контекст сведоци сме на пеење кое има некаков призвук на буколиките и георгиките од античката поезија. Ретко се среќава еден така силно изразен лирски субјект што низ една особена поетика на претопување на поетските слики умешно служи да бидат разработувани тематските преокупации споменати претходно. Тој лирски субјект, кој функционира како своевиден лирски јунак во контекстот на поезијата на Чолакхоџиќ, скоро секогаш е вон урбаниот дел на градот, па дури и сопоставен нему, а таа пасторалност на поетските слики можеби е најизразена во песните во проза.

Книгата На крајот таа градина на Горан Чолакхоџиќ во секој поглед е заокружена по својата структура, целосна како книжевен проект, во многу нешта редок, со што несомнено потврдува дека се работи за уникатен поетски глас кој не само во современата хрватска поезија, туку во еден многу поширок контекст ќе биде забележителен и неодминлив како книжевна појава.