Во рамки на посетата на Хрватска, министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, оствари бројни билатерални средби со делегациите од земјите-партнери, предводени од министри за одбрана и високи претставници на Министерствата.
Министерот Јолевски се сретна со претседателката на Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ, при што хрватската претседателка изрази целосна поддршка на евроатлантските интегративни процеси на земјите од Југоисточна Европа. Двајцата соговорници се согласија дека овие процеси се од стратешки интерес за Европа. Во разговорот беа разменети мислења за безбедносната состојба во регионот, Европа и пошироко.
Министерот Јолевски оствари средба и со хрватскиот министер за одбрана, Дамир Крстичевиќ на која стана збор за развојот на меѓусебната соработка на полето на одбраната, со посебен осврт на военото образование и користењето на меѓусебните капацитети со регионален и НАТО предзнак. Министерот Јолевски посочи дека Македонија развива неколку клучни капацитети на полето на обуката, меѓу кои и Центарот за обука на пилоти, како и армискиот полигон „Криволак“ кој веќе има регионална димензија. Воедно се заблагодари за можноста за школување на еден граѓанин на Република Македонија на програмата за Воено инженерство на Воената академија во Хрватска, за што Конкурсот за пријавување на кандидати е во тек.
Военото образование и начините за унапредување на соработката беа тема на разговор и на одвоените средби со министерката за одбрана на Босна и Херцеговина, Марина Пендеш, како и со заменикот потсекретар во турското министерство за одбрана, Коксал Лиман. Министерот на средбите додаде дека Македонија останува на својата заложба за блиска и интензивна регионална соработка како начин за надминување на можните безбедносни ризици во регионот, а како пример за преземеното лидерство во оваа област ги спомена Постојаниот штаб на Балканските медицински наменски сили отворен во Скопје неодамна, чиј член е и БиХ, како и лоцирањето на главниот штаб на Бригадата на Југоисточна Европа во Македонија во периодот 2020 – 2026 година.
Министерот Јолевски оствари и засебни средби со претставници на стратегискиот партнер на Македонија, САД, односно со заменикот-потсекретар за воздухопловство и меѓународни работи, Хајди Грант која ја предводеше американската делегација. Соговорниците изразија задоволство од одличните односи помеѓу Македонија и САД и поддршката која нашата земја ја добива од САД во процесите за континуиран развој на полето на одбраната. Договорено беше тие процеси уште повеќе да се интензивираат во сите аспекти на одбраната.
Средбите на министерот се заокружија со високиот претставник на шведското министерство за одбрана, посебниот советник Ларс Шмит, на која се разговараше за модалитетите за унапредување на соработката помеѓу двете Министерства, особено имајќи ги предвид одличните меѓудржавни односи.
Министерот Јолевски и делегацијата од Министерството и Армијата за време на Саемот за напредни технологии се запознаа со големиот број производители на воена опрема, новините во оваа област и идните правци на развој на воената индустрија.