Претседателот на СДСМ и пратеник во Собранието на Р.М. Зоран Заев денес одржа прес-конференција, на која истакна:
„Почитувани граѓани,
Имаме обврска сите ние во овој Парламент да ја почитуваме граѓанската волја и да овозможиме Македонија да оди напред.
Демократските процеси не се лесна работа, барат трпение, бараат посветеност, бараат грижа за граѓанските и за државните интереси и бараат пред се совест.
Сето тоа го покажавме, како парламентарно мнозинство што ја доби довербата од граѓаните.
Потребна беше мудрост и оставивме сите овие 5 недели или повеќе од 30 дена, целата домашна и меѓународна јавност да се увери на каков лажен партиотизам се подготвени Никола Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ. И веќе за никого нема минимум сомнеж дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ не сака да ја предаде власта, бидејки се плаши од одговорност.
Бегање од одговорност – нема! Амнестија – нема! Тоа е првата работа што сакам да ја порачам. Ќе се оди на суд толку често колку што има основани сомневања за кршење на законот и Уставот. Тоа важи за мене и СДСМ, тоа важи и за сите други во Република Македонија. Законот ќе биде еднаков за сите. Правдата и правната држава ќе владеат во Р.Македонија.
Сакам уште еднаш јавно, пред целата јавност во Македонија да повторам, за да биде кристално јасно:
• Лага е дека ќе се менува Уставот.
• Лага е дека ќе се носат закони спротивно на Уставот.
• Лага е дека Македонија ќе биде бинационална држава.
• Лага е дека ќе има федерализација или кантонизација.
• Лага е дека ќе се менува уставното име и идентитетот на Македонија.
• Лага е дека ќе се менува знамето, грбот и химната на државата.
• Лага е дека ќе мора да се учи албански јазик во Штип, Прилеп, Гевгелија, Битола.
• Лага е дека ќе има казни ако не се знае Албански јазик.
• Лага е дека ќе се прогласи Македонскиот народ за геноциден.
Сето ова што го слушавте во репликите што сами на себе си ги правеа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за да ги закочат демократските процеси е чиста лага!
Постојат почетни позиции на партиите од албанскиот блок. Преговараше ВМРО-ДПМНЕ. Почна разговори и СДСМ. Но постои финален документ, Програма на новата реформска Влада, што ја штити унитарноста на Македонија и обезбедува квалитетен живот за граѓаните и евро-атлантските перспективи. Тоа е точно!
И сега ќе ви кажам што се друго е точно. Она што беше прифатено од ВМРО-ДПМНЕ, беше прифатено и од нас. Секако се согласивме плус за поддршка за работата на СЈО, тоа од што се плаши раководството на ВМРО-ДПМНЕ поради криминалите зад себе.
• Точно е дека се што сме разговарале, што ќе преговараме и се што ќе работиме во иднина, ќе биде во рамките на Уставот и согласно Уставот на Р.Македонија.
• Точно е дека се што сме разговарале, ќе преговараме и се што ќе работиме во иднина ќе биде во функција на зајакнување на унитарноста на мултиетничка Македонија.
• Точно е дека никој не бара нешто надвор од Уставот, ниту пак некој за нешто уценувал.
• Точно е дека националистичкиот концепт на чиста Македонија нема иднина, колку што е точно е дека единствена иднина има концептот едно општество за сите.
• Точно е дека ќе има закон со којшто ќе се унапреди употребата на јазиците на албанската етничка заедница и на другите етнички заедници. Но тоа ќе биде
согласно Уставот и согласно практичната потреба на граѓаните Албанци, но и на другите помалку бројни заедници.
• Точно е дека за новото парламентарно мнозинство нема друга алтернатива освен полноправно членство во НАТО и ЕУ.
• Точно е дека ќе бидеме посветени на реформите, за кои ќе ни треба поддршка и од новата опозиција, ВМРО-ДПМНЕ и за сите кои ќе одлучат да останат во опозиција.
• Точно е дека ќе бараме решение на проблемот што Грција го има со нашето уставно име, но одлуките ќе ги носиме во консензус со опозицијата, а ќе станат конечни по референдум на кој ќе се изјаснат граѓаните.
• Точно е дека ќе стоиме се што можеме да ја унапредиме соработката со сите соседни земји пред се во интерес на граѓаните на Македонија и секако почитувајќи го и интересот на нашите соседи.
• Точно е дека СЈО ќе си ја заврши работата, заради што е и основано.
• И најважното за сите граѓани. Точно е дека Македонија рамномерно економски ќе се развива во секој град и во секое село.
• Точно е дека ќе ви одржиме лекција на идната опозиција на економски план и ќе покажеме што всушност значи економски раст и развој.
• Точно е дека ќе има живот за сите. Македонија ќе биде едно општество за сите. Членот 9 од Уставот кажува се.
И ништо повеќе нема да зависи од поединец. Нема да зависи ништо повеќе ниту од Никола Груевски, ниту од Зоран Заев, ниту од Али Ахмети, Билал Касами, Зијадин Села или Мендух Тачи.
Ќе потенцирам, институциите ќе носат одлуки! Парламентот ќе носи одлуки, а не поединци.
Ќе има конечно транспарентност во Република Македонија. Ќе има конечно одговорно управување во Република Македонија.
Ние како идна власт во државата, подготвени сме во име на одговорното управување да соработуваме со идната опозиција. Ќе си се сакаме по дома со нашите деца и семејства. Овде ќе мораме да соработуваме, заради реформите ќе ни треба соработка, заради животот и соживотот ќе ни треба соработка, заради граѓаните, заради нашата заедничка земја Република Македонија.
Порачувам, парламентарното мнозинство нема да дозволи опозицијата во Собранието, Трајко Вељаноски и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да продолжат да ги кршат Деловникот, законите и Уставот на Република Македонија. Никој нема право да се изживува и да ги тероризира граѓаните, со неизвесност, со загрозување на егзистенцијата, со креирање нестабилност, со блокада на институциите.
Државен интерес број еден е да се одблокираат демократските процеси и Македонија конечно да добие институции што ќе работат во полн капацитет.
Ја преземаме обврската да продолжиме демократските процеси со избор на нов претседател на Собранието и тоа токму од редот на оформеното и декларирано мнозинство кое постои во Парламентот.“- истакна Заев.