Чавков: Полицијата веќе двеипол години се справува со сериозни безбедносни закани и предизвици во услови на длабока политичка криза и последиците од неа
Почитувани претставници на медиумите,
Полициските службеници се под заклетва дека ќе го бранат Уставот и законите на Република Македонија, дека ќе го штитат територијалниот интегритет и суверенитет на државата и дека ќе бидат гарант за безбедноста на граѓаните и ќе го чуваат јавниот ред и мир.
Полициските службеници, вчера токму тоа го правеа.
Полицијата веќе двеипол години се справува со сериозни безбедносни закани и предизвици во услови на длабока политичка криза и последиците од неа.
Полицијата минатата година беше обвинувана дека не употребила сила против насилничките акти на протестите од таканаречената Шарена револуција кога беше вандализирана, ограбена и запалена канцеларијата на Претседателот Иванов. Освен канцеларијата на Претседателот Иванов, во континуитет беа напаѓани и Владата и Собранието како објекти од витално значење, но и објекти на многу други институции.
Полицијата тогаш реагираше само кога директно беа засегнати животите и безбедноста на полициските службеници и граѓаните.
Во текот на вчерашниот ден, за жал бевме сведоци на немили настани и инциденти во Собранието кога беше нарушен јавниот ред и мир и безбедноста на присутните во Собранието од страна на дел од лицата кои влегоа во законодавниот дом.
Јавноста треба да ја знае вистината, за да нема никакви шпекулации и дезинформации. Полицијата немаше никакви сознанија, ниту најави за насилни инциденти. Полицијата ги обезбедуваше граѓанските протести како и секој ден во изминативе два месеци. Оперативниот штаб формиран уште од почетокот на протестите досега немаше регистрирано, ниту еден, ЌЕ ПОВТОРАМ, ниту еден инцидент за сите овие 60 дена. Не постоеја никакви дојави дека во текот на вчерашниот ден ќе се случи некаков инцидент. Затоа полицијата, стандардно, по веќе поставениот план, со истиот број на полициски службеници го обезбедуваше Собранието.
За жал, во Собранието по завршување на седницата на парламентот, вчера се случија неколку инциденти кои го предизвикаа и испровоцираа гневот и револтот на граѓаните. Кога велам дека немало никаква пријава до полицијата, сакам да кажам дека никој ниту од Собранието не се јави дека ќе има обид после завршување на седницата да биде прогласен нов спикер. Какви биле проценките на тие што го планирале ова сценарио не можам да коментирам, но очигледно е дека начинот на кој беше спроведено ги зголеми безбедносните ризици и предизвика моментална реакција на присутните пред Собранието. Ќе треба време и дополнителна анализа зошто тие што стојат зад сценариото одбраа да го реализираат после 18 часот, знаејќи дека во тоа време секојдневно се одржуваат протести пред зградата на Собранието.
Настаните потоа се одвиваа брзо како на филмска лента. Граѓаните за неколку минути го обиколија Собранието и се обидоа да влезат внатре. Имаше обид полицијата да го спречи влезот на иритираната и разгневена маса, но употребата на сила во тие услови можеше да значи десетици жртви. Полицијата отпочна со примена на сила, веднаш откако добивме информации дека е неопходна интервенција затоа што во Собранието е загрозена безбедноста на луѓето внатре и во моментот кога дополнително ги зајакнавме силите со кои проценивме дека може да спроведеме брза и енергична акција за евакуација на присутните пратеници и повредени лица.
Откако беше воспоставен јавниот ред и мир и откако беа евакуирани лицата чија безбедност беше загрозена, што беше наша примарна задача, полицијата отпочна со увид и идентификација на осомничените во координација со надлежниот Јавен обвинител.
Истрагата и анализите на целиот случај ќе продолжат и во наредниот период и ќе се утврдува поединечната одговорност на сите инволвирани.
Овие лица кои стојат зад мене учествувале и во воениот конфликт во 2001 година, а своите животи ги ризикувале и во голем број други полициски акции каде го бранеле мирот и безбедноста на Република Македонија и нејзините граѓани.
Овие полициски службеници се професионалци. Тоа биле и тоа ќе останат без разлика на политичките обвинувања. Крајно некоректно е нивното постапување да се политизира и истите да бидат претставувани како непријатели на државата и македонскиот народ.
Што се однесува до директните закани кои кон мене ги упати лидерот на опозицијата Зоран Заев, сакам да му порачам дека јас целата моја кариера ја поминав служејќи и на државата и сум се соочил со многу сложени безбедносни предизвици, сум работел професионално во полза на Македонија и граѓаните на Република Македонија. Затоа му порачувам дека ниту ме загрижува нити пак може да ме заплашат неговите закани и актуелните закани од криминални структури со кои тој е во спрега. Неговите закани и неговото недолично однесување повеќе говорат за него самиот и за начинот на кој што тој делува.
Ви благодарам.