Заев: Ќе ја водам оваа земја затоа што верувам дека вреди сè за што се залагаме!

Прес конференција на Зоран Заев, претседател на СДСМ

Почитувани граѓани,

Направивме голем чекор напред во демократските процеси, според мнозинската волја на граѓаните. Избравме нов претседател на Парламентот и во периодот што престои процесите ќе продолжат со формирање на новата реформска Влада, којашто ја очекува домашната и меѓународната демокатска јавност.

Сакам јавно да упатам честитка до новиот претседател на Собранието, Талат Џафери и да порачам дека одлучно стоиме зад демократијата во Македонија којашто носи добар живот за граѓаните и вистински евро-атланстки перспективи за државата.

Насилството што се случи вчера не е демократска вредност. Наслието врз новото легитимно избрани претставници на граѓаните е поттикнато од Никола Груевски, Ѓорге Иванов, Трајко Велјаноски, Митко Чавков и група нивни соработници, кои ги погодува трансферот на власта што носи правда и одговорност. И тие се подготвени за своите интереси да ги жртвуваат граѓанските и државните интереси.

Тоа што се случи синоќа не е резултат на лути поединци. Насилството е резултат на остатоци на режимот во распаѓање што 10 години врши насилство врз Уставот и демократијата во оваа земја. Затоа вчерашниот ден во Парламентот беше тест за Македонија и за сите граѓани.

Во периодот што следува мора да покажеме дека сме зрели како луѓе и колку сме зрели како држава и со целата наша совест да застанеме зад вистинските демократски вредности и да ги одбраниме.

Не смееме да потпаднеме под провокациите кои имаат цел поделба, раздор и изолација на Македонија.

Затоа ве повикувам сите вас почитувани граѓани, да останеме мирни и присебни. Сите вработени во институциите да ја сфатат својата одговорност и да постапат согласно уставните и законските надлежности.

На вистинскиот пат сме. Ќе ја водам оваа земја затоа што верувам дека вреди се за што се залагаме. На изборите во огромно мниозинство се одлучивме за промени. Мудро ги водевме процесите. Направен е првиот чекор кон нивна реализација. Тешко е затоа што имаме работа со непресметливи луѓе. Но заедно сме и граѓаните, и САД, ЕУ, НАТО – целата меѓународна заедница, во нас го гледаат моторот на мирот, стабилноста, безбедноста и напредокот на Република Македонија и на регионот.

Македонија оди напред. Бидете дел од овие историски процеси за нашата Република Македонија.