Наредба за утврдување на периодот на престој на возилата на царинските терминали

Царинската управа информира дека донесе нова Наредба за утврдување на периодот на престој на возилата на државните царински терминали за кој не се наплатува надоместок.

Имено, министерот за финансии уште во август 2011 година донесе Правилник за висината на надоместоците за извршените услуги и почетната висина на закупнината на деловниот и рекламниот простор на граничните премини (Службен весник на Република Македонија бр.114/2011 година), според кој за време на царинската постапка која се спроведува на државните терминали на граничните премини не се наплатува надоместок за престој на возилата.

Но, согласно Правилникот, за влез и престој на царинските терминали надвор од царинската постапка или по нејзиното завршување на граничните премини за патен сообраќај надоместокот изнесува:

До 1 час – 200,00 ден.
До 3 час – 400,00 ден.
До 6 час – 600,00 ден.
До 24 час – 1.000,00 ден.
За секој 1 час над 24 часа – 50 ден.

Со цел да се обезбеди дополнително намалување на трошоците за престој на возилата на државните терминали надвор од царинската постапка, побрз проток на стока и прецизирање на постапката на ослободување од наплата на надоместок за престој во државните терминали, на својата Дваесет и седма седница одржана на 07.10.2014 година, Владата на Република Македонија донесе заклучок со кој се воведуваат две новини со кои се обезбедува бесплатен престој во државните терминали на граничните премини:

-во рок до 3 часа од регистрираниот влез на возилата на царинските терминали до регистрираниот излез на возилата од царинските терминали за стока која не подлежи на издавање на дозволи од надлежните инспекциски органи и

– во рок до 5 часа од регистрираниот влез на возилата на царинските терминали до регистрираниот излез на возилата од царинските терминали за стока која подлежи на издавање на дозволи од надлежните инспекциски органи присутни на граничните премини.

Заради непречена примена на овие новини Царинската управа ја донесе новата Наредба која стапува на сила на 18 Ноември 2014 година.