Викендот кој следи ќе го поминеме во знакот на 1 мај – меѓународниот ден на трудот. Бидејќи станува збор за уште еден продолжен пролетен викенд и можност да се патува повеќе од вообичаено, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, со неколку кратки совети и потсетувања за сите учесници во сообраќајот.
За сите кои планираат да отпатуваат на продолжен викенд или на некое подалечно место, РСБСП најпрво ѝм советува да го проверат своето возило пред да тргнат на пат. Освен редовната пролетна проверка на возилото апелираат до тие кои што сѐ уште немаат направено замена на зимските гуми, да го направат тоа веднаш. Покрај тоа, неопходно е да се направи проверка на притисокот на воздух во гумите, проверка на исправноста на светлата, замена на бришачите, проверка на маслото во моторот и задолжително треба да проверите дали сте подготвени за итни случаи со сет за прва помош, вода, ламба и др.
Оние кои патуваат на поблиските излетнички места најчесто ги користат локалните и регионалните патишта и треба да имаат во предвид дека освен возила, на овие патишта има голема фрекфенција на велосипедисти, мотоциклисти, но и пешаци. На овие патишта, не ретко се среќава и движење на животни. Затоа, бидете внимателни и трпеливи. Внимавајте на ранливите категории учесници во сообраќајот и прилагодете ја брзината на движење. Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира за внимателно управување на возилото, особено низ населените места и прилагодување на брзината кон условите на патот.
Неизоставен дел од првомајските прослави е алкохолот. Младост е да се напиете, но лудост е да возите пијани! Треба да се запамети, управувањето моторно возило под дејство на алкохол е една од водечките причини за предизвикување сообраќајни незгоди со фатални последици. И една испиена чашка алкохол влијае на вашите возачки способности.
Да не ја расипете забавата и безбедно да се вратите дома, почитувајте ги следниве совети:
– Доколку консумирате алкохол, не седнувајте зад воланот.
– Доколку консумирате алкохолох или имате желба повеќе да се опуштите постојат други алтернативи:
• дозволете некој друг да ве вози
• правете ја скарата во вашиот двор или викенд куќа каде што ќе можете да одморите или отспиете доколку испиете повеќе.
• користете јавен превоз. Некогаш е поинтересно кога цело друштво е собрано на едно место. Тој е уште една од можностите кои ви се на располагање за пријатно празнично расположение.
РСБСП постојано советува и апелира за одговорно возење без консумирање алкохол. Наша должност е повторно да ги потсетиме сите млади луѓе: бидете одговорни за вашиот живот, но и за животот на останатите учесници во сообраќајот. Грешките не можат да бидат исправени. Секоја солза пролеана по изгубен живот на млад човек, полн со желби и визии за иднината, е залудно пролеана. Чувајте се, затоа што прокоцканата шанса за живот, не се враќа назад.
Временските услови, исто така, се од особена важноста за безбедното учество во сообраќајот. Според најавите од метеоролозите, времето викендов ќе биде променливо, па не е исклучена можноста пролетното сонце за час да го прекријат облаци и врнежи од дожд. Променливото време предизвикува главоболки, раздразливост, поспаност и омалаксаност кои можат да влијаат врз расположението на возачот, да го оттргнат вниманието од патот и целосно да ги дефокусираат возачите. Многупати недостатокот на концентрација е исто толку опасно како возење под дејство на алкохол. Во таа насока, РСБСП советува да го испланирате патувањето, да возите наспани и одморени, да практикувате добри техники на возење и да ја проверите временската прогноза пред да тргнете на пат.
Држете растојание меѓу вас и возилото пред вас. Зголемената фрекфенција на возила, бара одговорно и внимателно возење.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ги потсетува сите учесници во сообраќајот дека на секое патување, најважно од сѐ е да стигнат здрави и живи до саканата дестинација.
РСБСП им го честита празникот на сите граѓани и им порачува: Одговорно и безбедно на секое патување.