Заев: Овој 1 мај е ден на нашата верба во живот за сите и сведоштво дека тоа е можно

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев во свое име и во име на Социјалдемократскиот сојуз на граѓаните на Република Македонија им го честита 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот:

„Почитувани граѓани,

Бидете горди на нашата заедничка борба за правда, за квалитетен живот, за достоинствени работни места, за пристојни плати и пензии, за напредна Македонија.

Овој 1 мај 2017 година е ден на нашата истрајност и верба во живот за сите и сведоштво дека тоа е можно.

Заедно, сплотени, еден до друг, обезбедуваме демократска, слободна Република Македонија со економски и социјално стабилни семејства и граѓани.

Граѓаните на Македонија, како никогаш досега се одлучни да си ги добијат и одбранат своите права. Одлуката ја донесоа на 11 декември и таа се обврзуваме дека ќе ја реализираме до крај, преку формирањето на новата реформска Влада на граѓаните.

Правото да се биде заштитен и сигурен на работното место и трудот да биде соодветно почитуван и вреднуван се во центарот на секое современо и цивилизирано општество.

Само мотивирани работници може да ги развиваат претпријатијата коишто се двигател на економијата и ние на тоа планираме да се посветиме.

Република Македонија оди напред!

Овогодинешниот 1 мај најавува дека демократска Македонија ја враќа државата во рацете на работниците и на народот.

Среќен 1 мај, ден на трудот!“- стои во честитката.