Светите маченици Христофор, Теона и Антонин и Свети Трифун патријарх Цариградски

Светите маченици Христофор, Теона и Антонин

Тројцата беа млади офицери кај царот Диоклецијан. Кога беше мачен Светиот великомаченик Георгиј, тие ги гледаа неговите маки и чудата што се извршија при тој настан. Кога го видоа сето тоа, излегоа пред царот и храбро го исповедаа името на Господ Исус. За ова беа подложени на големи маки и најпосле фрлени во оган, каде им изгореа телата, а душите им заминаа во вечната радост на Господ. Пострадаа чесно во Никомидија во 303 година.

Свети Трифун патријарх Цариградски

Царот Роман, а тој владееше со Византија во почетокот на 10 век, имаше син Теофилакт на возраст од шеснаесет години кога умре патријархот Стефан. Царот сакаше да го возведе за патријарх својот малолетен син, бидејќи го имаше заветувано на духовна служба, но се засрами да го направи тоа. На патријаршискиот престол седна Свети Трифун, прост но чист и благочестив старец. Трифун остана на престолот три години. Кога царскиот син влезе во дваесеттата година, царот намисли по секоја цена да го тргне Трифун од престолот, а да го постави својот син. Божјиот светител Трифун не сакаше доброволно да си оди од престолот не заради нешто друго, туку затоа што сметаше за голема соблазна толку млад човек да се возвиси на таква одговорна и тешка положба како што е патријаршиската. Тогаш со сплетка на еден зол епископ измамија од Свети Трифун потпис на чиста хартија и над потписот во царскиот дворец ја напишаа божемната оставка на патријархот, којашто царот ја објави. За ова настана голем смут во Црквата, зашто народот и свештенството стоеја на страната на Божјиот човек Трифун. Тогаш царот насилно го тргна Свети Трифун и го испрати во манастир, а својот син Теофилакт го воздигна за патријарх. Свети Трифун поживеа во манастирот како подвижник две години и пет месеци и се упокои во Господ во 933 година.