Нухиу: Работите мора да се расчистат до крај и секој ќе одговара за своите постапки

Дел од структурите на Министерството за внатрешни работи предизвикаа многу штета на нашата држава и на демократските вредности и за да ја поправиме оваа штета ќе биде потребно долго време и ангажман не само од сите служби на Министерството за внатрешни работи туку и од другите институции како Јавното обвинителство и Судството, рече на денешната прес конференција министерот за внатрешни работи д-р Агим Нухиу.

Во продолжение ви го пренесуваме интегрално обраќањето на министерот Нухиу:

„Сакам да ја информирам јавноста дека формирав работна група составена од професионалци во Министерството за внатрешни работи, која има задача да утврди дали Оперативниот штаб и организационите единици во МВР постапувале согласно утврдените процедури пропишани во Министерството за внатрешни работи, дали се направени пропусти, пречекорувања на овластувањата или неизвршување на работните задачи и обврски.

Заклучоците од извештајот на работната група ќе бидат дел од известувањето до Јавното обвинителство за понатамошно постапување за работата на Оперативниот штаб.

Ги повикувам сите вработени во МВР да се вклучат активно и да пишуваат и доставуваат службени материјали за настаните во Собранието во минатиот четврток. Враќање назад нема! Работите мора да се расчистат до крај и секој ќе одговара за своите постапки.

Ве информирам и дека до Владата поднесов барање за разрешување на г-дин Митко Чавков од функцијата Директор на Бирото за јавна безбедност.

Со наредба е назначен и координатор на Оперативниот штаб и тоа г-дин Горанчо Савовски, државен советник во Бирото за јавна безбедност.

На крајот уште еднаш сакам да ги повикам и да ги охрабрам вработените во Министерството за внатрешни работи сите да бидеме еден покрај друг и професионално да продолжат да си ја вршат работата. На Министерството за внатрешни работи му се потребни професионалци кои во иднина ќе бидат столб на оваа институција.

Во оваа прилика сакам да потенцирам дека големо значење минатиот четврток имаа и медиумите и сакам да им изразам благодарност и надеж дека со своето професионално известување ќе продолжат да го даваат својот придонес за демократијата во Република Македонија.

Ви благодарам “

Сублимат на превземени мерки од страна на МВР по настаните од 27.04

СВР Скопје, во рамки на интензивните мерки и активности за целосно расчистување на настаните по упадот на граѓани во Собранието на Република Македонија од 27-ми минатиот месец, синоќа (02.05.) приведени се уште три лица В.Н. (45), Д.П. (33) и В.Ц. (33) сите од Скопје, коишто се сомничат за извршени кривични дела “учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“ по чл 384 од КЗ на РМ (за В.Н.), и “учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ по чл 385 од КЗ на РМ (за Д.П. и В.Ц). При тоа од страна на Судија на претходна постапка на В.Н. веќе му е изречена мерка притвор во траење од осум дена.

Исто така синоќа во ПС Кисела Вода сам се пријавил и В.Т. (40) осомничен за сторено кривично дело – и “учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ по чл 385 од КЗ на РМ. Така што до овој момент на сила се уште централни расписи за осум лица, по кои полицијата трага. Досега од 12 -те приведени, за шестмина од нив им е изречена мерка притвор во траење од по осум дена, за едно лице мерка домашен притвор, а за две лица мерка – претпазливост.

Како што Министерството за внатрешни работи претходно соопшти, СВР Скопје во координација со ОЈО Скопје досега поднесе кривични пријави за 20 идентификувани лица учесници во нередите во парламентот, а по основ за сомненија за погоре посочените кривични дела.

Покрај ова до ОЈО Скопје поднесени се извештаи за досега собраните сознанија околу лица организатори на протестот, како и лица кои што учествувале во отстранување на претходно поставената блокада на вратата од внатрешната страна од главниот влез на собраниската зграда.

СВР Скопје продолжува со детална истрага за натамошна идентификација на лица кои евентуално учествувале во нередите, вклучително и околу вчера откриената импровизирана експлозивна направа на првиот кат во зградата на Собранието на Република Македонија (плинска боца од 300 милилитри на која со селотејп лента била залепени пиротехнички средства-петарди поставени една до друга).

МВР за сите нови моменти околу истрагата благовремено ќе ја информира јавноста.