Претседателот на Комисијата за економија на СДСМ, Драган Тевдовски, денес во изјава за медиуми истакна:
„Почитувани граѓани,
Минималната плата веќе ќе беше зголемена, ако не се блокираше работата на Собранието и ако не се одолговлекува со давањето на мандатот за составување на Влада. Одолговлекувањето најдиректно ги удира по џебот работниците кои работат за минимална плата.
Предлог законот е веќе подготвен.
Новата Влада, веднаш по формирањето, во консултации со социјалните партнери, ќе го пушти во собраниска процедура законот за зголемување на минималната плата. Минималната нето-плата ќе се зголеми на 12.000 денари и ќе важи и за индустријата за текстил, облека и кожа. Тоа значи дека околу 42.000 работници само од трите индустрии ќе носат дома по 2.410 денари повеќе секој месец. Сите други работници кои примаат минимална плата, ќе добиваат по 1.920 денари повеќе од досега.
За да нема отпуштања вработени, ќе се формира Фонд за поддршка на животниот стандард за вработените во индустрија за текстил, облека и кожа, којшто на работодавачите ќе им покрие дел од покачувањето на платата.
За да се спречат злоупотреби контролата за исплата на минималната плата, покрај Инспекторатот за труд, ќе ја врши и Управата за јавни приходи.
Зголемувањето на минималната плата е само една од мерките за поттикнување на растот на платите во економијата. Новата Влада ќе донесе и серија на други мерки кои ќе прават притисок платите да растат. Македонија мора да излезе од мизерно ниското ниво на плати.
Растот на платите е клучен за подигнувањето на животниот стандард на мнозинството на граѓани кои живеат само од својот труд, а немаат приходи од капитал.“– истакна Тевдовски.