ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“ учествуваше на 5. Меѓународен натпревар „Балкан Јуниор“, кој оваа година се одржа во Средната Мешовита Школа во Тешањ, Босна и Херцеговина од 11 до 14 мај. На натпреварот учествуваа околу 50 ученици, ментори и директори на средни стручни училишта од осум држави: Словенија – Велење, Хрватска – Лабин, Србија – Ваљево, Црна Гора – Никшиќ, Македонија – Охрид, Турција – Истанбул, Романија – Констанца и Босна и Херцеговина – Тешањ.
Учениците Иван Јузмески, II година во образовниот профил електротехничар за компјутерска техника и автоматика, и Дејан Јанески III година во образовниот профил електротехничар за компјутерска техника и автоматика, под менторство на наставниците Владо Јанкулоски и Борис Стрезоски, изработија работен дел „Задвижувач“ управуван од микроконтролер кој наоѓа примена кај управувањето со CNC-машини. Со најдобра практична изведба, после теоретскиот дел севкупно го освоија четвртото место.
Соработката помеѓу училиштата се темели на размена на знаење и вештини преку практична работа од областа на машинство, електротехника и мехатроника. Досегашните натпревари опфаќаа управување со CNC машини, програмирање на микроконтролери, работа со 3D принтери и реализација на електропневматски системи управувани со PLC-a.
Големо значење се придава и на воспоставувањето на долготрајни пријателства меѓу учениците, како и запознавање со други култури и обичаи. Последниот ден домаќинот организира целодневен излет за сите учесници во „Балкан Јуниор“. Овој пат тие имаа прилика да ги посетат Сараево, Башчаршија и културно-историските знаменитости на градот и Високо, со посета на Босанските пирамиди и подземните тунели кои се наоѓаат во непосредна близина.