Денес во х. Порта во Скопје, Здружението за заштита на животни и животна средина Е.Д.Е.Н. во рамки на проектот „Избери страна“ финансиран преку Global Green Grants Fund организира тркалезна маса на тема „Влијанието на планираните инфраструктурни проекти врз биодиверзитетот во охридско-преспанскиот регион“.
На настанот учество ќе земат експерти од цела Македонија, а специјален гостин ќе биде проф. д-р Јос Ферхуфен, претседател на Европскиот огранок на Светското друштво на научници за блатни екосистеми кој ќе има свое обраќање за важноста и скапоценоста на блатните екосистеми со посебен акцент на Студенчишкото Блато.
На тркалезната маса ќе биде презентирана анализа на биодиверзитетот на регионот насловена „Охридско-преспанскиот регион на крстопат помеѓу синилото и сивилото“, која за потребите на проектот ја изработи проф. д-р Трајче Талевски. Во анализата се проценети природните вредности на регионот, што е тоа што го прави уникатен поради што има статус на светско природно наследство, како и кои се заканите од планираните инфраструктурни проекти.
Заклучоците од тркалезната маса ќе бидат доставени до сите релевантни домашни и меѓународни институции со цел да се направат заеднички напори да се зачува интегритетот на регионот и да се спречи негово уништување.