Заев: Се обврзувам дека новата реформска Влада ќе гради граѓанска, унитарна и евро- атлантска Македонија!

Претседателот на СДСМ и мандатар за состав на новата Влада, Зоран Заев во изјава за медиумите истакна:

Почитувани граѓани,

Мандатот го добив. Согласно Уставот, Деловникот и законите во многу брзо време очекувам да ја составам новата Влада.

Гаранциите ги дадов пред сите граѓани на Македонија и ги реафирмирав денеска пред претседателот Ѓорге Иванов.

Како мандатар и иден премиер се обврзувам дека новата реформска Влада ќе гради граѓанска, унитарна и европска Македонија.

Сите сили ќе ги насочиме да изградиме правда и правна држава. Да обезбедиме услови за квалитетен живот на сите граѓани во Македонија, со меѓусебно разбирање кон почитување на мултиетничноста во државата и Рамковниот договор.

На овој начин само ќе ги отвориме вистинските перспективите на граѓаните и на современа модерна и евро-атлантска Македонија.

Убава симболика имаме денеска.

17 мај пред две години ја испрати пораката од граѓанска Македонија дека независно од политичките, етничките и какви било други определби и припадности, граѓаните се подготвени заедно да работат на демократските вредности и на проблемите и решенијата што ги спојуваат, а не коишто ги делат.

Имавме надеж и верба дека гласот на обединета, шарена Македонија е гласот на единствена Македонија.

И денеска ја имаме таа потврда. Едно општество за сите е концептот на иднината на Македонија.

Демократијата не се создава преку ноќ. Демократијата е процес на којшто макотрпно се работи, почнувајки секој од себе.

Таа подразбира цврста одлучност да се развиваат вредностите и идеите, низ правда за сите, достоинство, преку помирување и преку подадени раце едни кон други и пред се чесно.

Ве повикувам, сите сме потребни во овој процес. Нашата иднина е во прашање, иднината на нашите деца и нашата држава.

Ќе работам како и до сега, со целото срце верувајки во сплотеноста и затоа испраќам порака:

Да ги оставиме разликите, изолацијата, омразата, нетрпението, деструктивните политики кои ни ги уништија животите!

Се обврзувам пред вас, ќе работам со сите вас, новата Влада ќе биде влада на сите граѓани!

Заедно ќе создадеме правна и правична држава, на слободни граѓани!

Овој ден е нов почеток за Македонија!

Почнуваме да градиме општество со еднакви шанси за сите!“ – изјави Заев.