СДСМ: Поддршка за лицата со посебни потреби – Новата реформска Влада целосно ќе ги вклучи во општеството!

СДСМ со соопштение до медиумите во кое стои:

„СДСМ ја поддржува граѓанската иницијатива „5 до 12“ за унапредување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и на нивните родители.

Очекуваме барањата и официјално да бидат доставени до новата реформска Влада којашто сите проблеми на граѓаните ќе ги решава низ интегративни политики со сите заегнати страни, за проблемите со кои тие се соочуваат и начините на справување со нив.

Новата реформска Влада ќе воспостави системски решенија што вистински ќе одговорат на предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост.

Конечно во Македонија ќе се воспостави систем за проценка на специфичните потреби (категоризација) на деца со попреченост базиран врз Меѓународната класификација на функционалноста. Целта е државата да ги вклучи во општеството лицата со попреченост, тргнувајки од нивните сопособности, а не како што се третирани, според она што не го можат.

Законски ќе овозможиме вклучување на деца со попреченост и во предучилишните установи, според соодветни критериуми. Ќе се ангажираат специјални едукатори во градинките. За децата со потешки попречености ќе бидат организирани посебни групи во состав на објектите на градинките, со кои ќе работи специјален едукатор.

Ќе отвориме и центри за ран детски развој коишто ќе ги опфаќаат децата на рана возраст, веднаш по раѓањето, чијашто основна функција ќе им биде развој на способностите на децата со одделен вид попреченост (церебрална парализа, аутизам и слично).

Ќе ги реорганизираме и дневните центри за лицата со попреченост со посебни планови и програми за нивните активности по групи. Во нив ќе бидат ангажирани сите потребни стручни лица кои ќе им помагаат: дефектолог, логопед, социјален работник, психолог, медицинска сестра, негувателка… Уште во првата година, сите дневни центри ќе бидат опремени со неопходниот кадар.

Ова се само некои од мерките со коишто ќе им го олесниме функционирањето на лицата со попреченост. Новата реформска Влада, како што ветивме, ќе гради општество на еднакви граѓани.“- стои во соопштението.