Заев на средба со Винтон: Посветени сме на квалитетни кадровски решенија во новата реформска Влада!

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се сретна со Луиза Винтон, постојан претставник на Обединетите нации и претставник на УНДП за Р.Македонија.

На средбата е посебно акцентирана потребата Македонија да се врати на европските перспективи и да продолжи да се развива кон интеграција во евро-атлантските организации.

Претседателот Заев информираше за текот на преговорите за составување на новата реформска Влада и соопшти дека евро-атлантската иднина на Македонија е меѓу приоритетите на новата реформска Влада.

„Посветени сме на квалитетни кадровски решенија во сите ресори на новата Влада, кои ќе работат демократски и посветено на квалитетот на живот за сите граѓани. Државата брзо ќе биде подготвена да продолжи напред“, рече претседателот Заев.

Тема на разговорот беше и демократскиот и општествен развој на Република Македонија, што се отвора со демократските процеси и формирањето нова реформска Влада. Се разговараше за потребата од градење на Македонија во правна држава за што се неопходни судски реформи, како и за економските и социјалните политики, што овозможуваат стабилен и перспективен живот за сите граѓани.

„Граѓаните сакаат да живеат и работат заедно, имаат заеднички проблеми и подготвени се заеднички да ги решаваат. Тоа го покажа поддршката на граѓаните на изборите, на концептот едно општество за сите, што сега е столб и на владината Програма и ние така ќе ја развиваме Република Македонија“, рече претседателот Заев на средбата со високата претставничка од ОН, Винтон.