Претседателот Иванов ќе учествува на 18-от Евроазиски економски самит

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, од 08 до 11 април, 2015 година, ќе престојува во работна посета на Република Турција, по повод учеството на 18. Евроазиски економски самит на Фондацијата Мармара во Истанбул, придружуван од сопругата г-ѓа Маја Иванова.

Претседателот Иванов ќе се обрати на свеченото отворање на 18. Евроазиски економски самит, а ќе има и свое обраќање на сесијата на претседателите на тема „Патот до мирот: Каде оди хуманоста?”.

На Евроазискиот економски форум, ќе учествуваат актуелни и поранешни претседатели, премиери, министри, истакнати личности од општествениот и политичкиот живот, невладиниот сектор и бизнис заедниците, од 40-тина држави.

Во македонската делегацијата се и Министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции, г. Џери Наумоф и Министерот без ресор г. Фуркан Чако, кои ќе имаат презентација на поволностите за инвестирање во Република Македонија, пред бизнисмените кои учествуваат на Евроазискиот економски форум. На Економскиот форум ќе учествуваат и компании од Република Македонија.

Ова е петто учество на претседателот Иванов на Евроазискиот економски форум на Мармара фондацијата, кој секоја година се организира од 1998 година.

Организатор на Евроазискиот економски форум е Мармара фондацијата, група за економски и општествени истражувања која има за цел унапредување на односите меѓу ЕУ и земјите од централна Азија и Блискиот Исток. Формирана е во 1985 година и e призната од страна на ОБСЕ и преку своите советодавни капацитети ја претставува Турција во Економско-социјалниот совет на ОН. Фондацијата активно е вклучена во подобрување на регионалната соработка со цел да помогне во максимизирање на можностите што ги создава процесот на глобализација и минимизирање на неговите негативни ефекти.