Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски изјави дека во времето на мандатот на оваа партија и покрај светската глобална економска и европската должничка криза, како и домашната политичка криза, најниските пензии се зголемени за 106 проценти, а просечните за 80 проценти. На пензионерите им овозможиле низа проекти меѓу кои и бесплатниот туристички викенд што досега го искористиле 5.500 лица.
Покачувањето на пензиите е огромно достигнување особено затоа што во нашиот мандат имавме две големи економски кризи, светската и европската, а имавме и тригодишна домашна политичка криза. Во такви комплицирани услови кои влијаеа на економијата успеавме најниските пензии да ги зголемиме за 106 проценти, а просечните пензии за речиси 80 проценти, изјави Груевски. Тоа, дополни, беше на некој начин наш долг кон пензионерите затоа што тие го заслужуваат тоа, го ветувавме тоа и го реализиравме.
Груевски рече дека е задоволен од реализацијата на проектот за бесплатниот туристички викенд.
Бесплатниот викенд за пензионерите почна да се реализира од 2015 година како наше ветување на изборите во 2014 година. Оваа година 2.100 нови пензионери треба да го искористат бесплатниот туристички викенд од кои 400 веќе го искористија. Секој викенд огромна бројка пензионери остануваат во туристичките места во Македонија каде поминуваат бесплатен викенд вклучувајќи го транспортот и храната, изјави Груевски.
При увидот на проекти ветени со партиската програмата Греувски го посети и новото повеќенаменско игралиште на периферијата на градот. Игралиштето е професионално изградено и веќе масовно се користи, изјави Груевски, потенцирајќи дека тоа е прво такво игралиште во Демир Капија, каде е изградена и спортска сала.
Уште едно наше ветување кон граѓаните на Демир Капија е исполнето, потенцира Груевски.
Како што соопшти директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески игралиштето е дел од проектот за 100 повеќенаменски игралишта. Досега е завршено 71 вакво игралиште, две се во фаза на градба, а за пет се чека одобрение за градење. Во изминатите десет години само преку Агенцијата за млади и спорт се изградени 268 спортски објекти во што се инвестирани над 43 милиони евра потенцираше Спасески.