ОО на СДСМ Дебрца, со соопштение до медиумите, во кое стоиЧ
„Народната вели, туѓи пари лесно се трошат. А ако државата / општината го плаќа цехот, за цена не се прашува. По народнава јаделе и пиеле градоначалникот на општина Дебрца, Игор Трајкоски и неговите најблиски соработници.
Недомаќинскотото и расипничко трошење на парите од буџетот на општина Дебрца може да се види од официјалните извештаи на Општината и завршните сметки, кои покажуваат дека на сметка на општината се јадело и пиело без мерка.
Од расположливите податоци се гледа дека во изминативе четири години само за ставката „репрезентација“, односно за гозби и ручеци, од џебот на граѓаните Трајкоски потрошил 1.185.520 или 19.340 евра.
Така, за оваа намена во 2013 година потрошени се 261.966,00 денари, во 2014 година потрошени се 286.975 денари, во 2015 година потрошени се 341.069 и во 2016 година потрошени се 295.510 денари.
Ако кон овој износ се додадат и потрошените средства за набавка на прехранбени продукти и пијалоци, кои во најголем дел се користени за потребите на кабинетот на градоначалникот, во вкупен износ од 558.329 денари, произлегува дека за ручеци и пијалоци општината потрошила 1.743.849 денари или 28 448 евра, износ кој е премногу голем за општина со ограничени финансиски ресурси.
За споредба само, во 2012 година кога беше претходната локална власт општината за репрезентација потрошила 84.303 денари, а за прехранбени продукти и пијалоци 13.490 денари, што значи дека овие непродуктивни трошења драстично се зголемуваат и до четири пати од кога Трајкоски ја презема градоначалничката функција.
По локалните избори и смената на актуелната локална власт ќе и ставиме крај на ваквата практика.
Ќе обезбедиме добро управување со општинските надлежности и одговорно и домаќинско управување со општинските ресурси.
Драстично ќе ги намалиме сите непродуктивни трошења како што се трошоците за репрезентација, дневници за службени патувања, за службени телефони, за весници. Максималниот износ на сите овие трошоци ќе го ограничиме со посебни правилници.
Наспроти тоа, приоритет ќе имаат проектите од животно значење за граѓаните и социјалните трансфери.“ – стои во соопштението.