Св. Кирил и Св. Методиј Солунски се родени браќа од Солун, од угледни и богати родители, Лав и Марија. Постариот брат, Методиј , како офицер помина десет години меѓу Македонските Словени. Потоа се оддалечи на гората Олимп и се предаде на монашки подвиг. Овде подоцна му се придружи и Кирил (познат и како Константин Филозоф). Кирил и Методиј, познати како солунските браќа просветители, имаат голема улога во православната македонска и општо во сесловенската историја.
Во првата половина на IX в. словенските земји на Балканот биле своевидно јаболко на раздор меѓу Првото Бугарско царство и Византиjа. Во таа ситуација византиската власт не можела да ја спроведува политиката на отворен притисок врз словените во Македонија и Грција. Во првата половина од IX в. словенските племиња на територијата на Империјата сè уште се ползувале со многу широка автономиjа и нивното управување било во рацете на архонти од местното население, зa кои постепено и многу внимателно се правеле обиди да бидат заменети со византиски чиновници. Наедно со тоа и опасноста од Бугарија, која ја ограничувала слободата на деjствата на византиската власт, барала од неа изнаоѓање нови патишта, како поцврсто да ги поврзе словенските краишта со Империjата. Таа цел можела да се постигне со христијанизација на словените и создавање на црковна организација во нивните земји, која што би била потчиненета на Константинопол. Многубројните епископии, кои се појавиле на словенските земји околу 869/870 г., сведочат дека таа можност византиското раководство не ја отфрлало, и словенските земји станале објект на мисионерска дејност. Во тие услови византиската власт би можело да биде заинтересирана за создавање на словенско писмо, кое би помогнало во работата на византиските мисионери меѓу словенското население. Во почетокот на IX век била веќе подготвена солидна основа за поширока и поорганизирана мисионерска активност во Македонија. Во тоа време Византиската Империја доживува нов расцут на културен план, па овој бран ги заплиснува и градовите што биле оддалечени од Цариград, посебно Солун. Во првите децении на IX век во Солун живее и семејството на висок службеник на императорската власт. Тоа бил Лав, друнгариј на Византиската тема Солун, чија позиција ги вклучува Словените од Македонија. За неговата сопруга Марија, се претпоставува дека е Словенка. Семејството имало повеќе деца, но се спомнуваат само имињата на најстариот – Методиј и најмалиот Константин. Дури не се спомнува и световното име на Методиј, кој ова го добил при замонашувањето. За етничкото потекло на светите браќа е дискутирано многу, најчесто од аспект на модерното разбирање на нацијата, но при постојната состојба на изворите, ова прашање не може добие определен одговор.