Завршена е изградбата на речиси половина од автопатот Кичево – Охрид, долг 57 километри, со вкупна вредност од 374 милиони евра.
Увид во работите на автопатот, односно во делот на пробивањето на тунелот кај Пресека, денеска изврши лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој од министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски беше информиран дека е пробиена речиси 95 проценти од трасата.
Мисајловски посочи дека во моментов се работи на повеќе точки од автпопатот за што се ангажирани четири различки компании, а тунелите кои претставуваат најтешкиот проект од изградбата на автопатот ги работи кинеската компанија „Синохидро“.
Изградбата на автопатот ќе значи многу за цела западна Македонија за луѓето кои патуваат од Скопја за Охрид и обратно, но ќе значи многу за охриѓани, стружани и за целиот регион. Ова беше и наше ветување кон граѓаните, а сега еве овој пат е веќе половина завршен, рече Груевски.
Мисајловски информираше дека во момемнтов се ангажирани над 1100 работници, а бројот ќе расте до 1500 согласно со градежната сезона, и дека се асфалтирани и шест километри од патот. Посочи и дека со зацртаната динамика автопатот треба да биде готов во првата половина од 2019 година.
Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески истакна дека изградбата на овој автопат е од круцијално значење воопшто за Охрид за развој на туризмот, но и за економски развој на општината.
Предвидено е изградба на осум клучки со што ќе се овозможи вклучување и исклучување на автопатот. Овие клучки се договорени во разговори и по барање на локалното население, а за нивната изградба, како што посочи министерот, ќе бидат обезбедени средства од Јавното претпријатие за државни патишта.
Според Програмата на Владата, по завршувањето на автоипатот Кичево – Охрид ќе почне изградба на автопатската делница Гостивар – Кичево. Во меѓувреме, информираше Мисајловски, завршен е тендерот за реконструкција на стариот пат Гостивар – Кичево преку Стража, која ќе ги опфати и сите мостови на таа делница.
Автопатот Гостивар – Кичево, за чија изградба се доработува проектот, е тежок терен за градба. Откако ќе биде завршена проектната документација, ќе се обезбеди финансирање и ќе почне да се гради. Овие два автопата заедно со патот Гевгелија – Демир Капија, долг 29 километри, се едни од најтешките делници за градба, рече Груевски.
Изградбта на автопатот Кичево – Охрид почна во февруари 2014 година и е еден од најголемите проекти во последните 50 години во Македонија. Автопатот е со широчина од 26 метри, а предвидена е изградба на седум мостови, 22 вијадукти, шест натпатници, 13 потпатници и еден тунел кај Пресека со должина од околу два километра.