Градоначалникот Никола Бакрачески, денеска имаше официјална средба со Гордон Бродбери градоначалник на Волонгонг од Австралија, кој е во тридневна посета на Охрид. На средбата заеднички беше оценето дека има многу неискористени можности за продлабочување на соработката меѓу двата града кои се збратимени во 1981 година.
По презентацијата на Охрид, неговото културно- историско богатство и можностите за развој, особено во областа на туризмот, градоначалникот Бакрачески го запозна гостинот со функционирањето на локалната самоуправа и реализирањето на проектите.
Градоначалникот на Волонгонг, Гордон Бродбери, рече дека уживал во убавините на Охрид и се воодушевил од древностите и богатата историја. Тој додаде дека кога ќе се врати во Австралија, ќе се сретне со претставниците на бројната македонската заедница за да го сподели своето воодушевување од престојот во Охрид.