Заев во чест на Рамазанските пости: Низ чесност и меѓусебна почит да продолжиме да градиме среќа за сите

Во чест на почетокот на Рамазанските пости претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во свое име и во име на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Македонија, Реис Ул Улема Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи, како и до сите граѓани кои го чествуваат големиот празник Рамазан Бајрам.

„Го честитам почетокот на овогодинешните Рамазански пости на сите граѓани кои го чествуваат празникот Рамазан Бајрам.

Посакувам Светиот месец Рамазан да донесе личен духовен мир и семејна хармонија.

Рамазанските денови на духовно и телесно прочистување нека поттикнат уште посилна волја кон вистинските човекови вредности, хуманоста, меѓусебното почитување и разбирање и нека ја зацврстат определбата за вистина, правда и солидарност како важни темели на нашето заедничко општество.

Продолжуваме заедно да градиме едно заеднично општество за сите граѓани, со еднакви шанси за среќа и успех на секој, во економски напредна и просперитетна Македонија. Ве повикувам како чесни и одговорни граѓани да продолжиме заедно да движиме овие важни процеси за сите граѓани на Република Македонија”.