ТАВ донесе 5 блогери да ја промовираат Македонија кај турските туристи

ТАВ Македонија, со поддршка од локалните бизниси и угостители во земјава, донесе пет влијателни турски блогери на четиридневна туристичка посета на Македонија, со цел да им ги покаже убавините на земјата како туристичка дестинација и да привлече повеќе туристи од Турција во Македонија.

Популарните и влијателни пет блогери, познати меѓу турските корисници на социјалните медиуми под имињата: ,,yoldaolmak’’, ,,kesfetsek’’, ,,bizevdeyokuz’’ and ,,birhayalinpesinde’’ , чија поблика надминува повеќе од еден милион следбеници на Фејсбук и Инстаграм, како и на нивните блогови, пристигнаа во Македонија на 24-ти мај и престојуваа во земјава се до 28-ми мај.

Нивната туристичка посета беше дизајнирана како информативна, но во истовреме и авантуристичка, покривајќи возбудливи места за разгледување и културно- историски знаменитости во Скопје, Струмица, Дојран, Охрид, Вевчани, Маврово, Дебар, Битола. Вклучи посета на места и активности, како: Македонско етно село во Скопје, Милениумскиот крст на Водно, кањонот на Матка, винска тура, археолошкиот локалитет Стоби, националниот парк Маврово, музеј-куќата на Ататурк во Битола, Музејот на вода во Охрид, оф-роуд сафари, и многу други атрактивни активности привлечни за помладата популација.

„Всушност Турција е најсилниот пазар на туристи за Македонија повеќе години наназад според статистиката за туристички посети во земјава. Но, знаејќи дека најчестите туристи од Турција во Македонија се главно луѓе во старосната група над 60 години, како и бизнисмени од различни компании и индустрии од Турција, нашата цел е да ги допреме срцата на младата генерација луѓе што патуваат со ранци посетувајќи градови и разгледувајќи нови дестинации за време на викендите. Така, нашата идеја беше да ги поканиме највлијателните блогери и феномени на социјалните медиуми во Турција со цел да допреме до т.н. ,,Z’’ генерација на млади луѓе кои користат Интернет, преку најпосетуваните туристички блогови и страници на социјалните мрежи кои имаат над 1 милион активни следбеници. По 4-дневната посета и планираните интернет-интеракции во рамки на заедниците на нашите гости, очекуваме да допреме до 2,5 милиони потенцијални нови гости од Турција во Македонија. Знаејќи колку убава е Македонија, со воодушевување сакаме да ја споделиме оваа убавина со младата генерација во Турција и да ја поддржиме промоцијата на македонскиот туризам на еден од најважните дојдовни туристички пазари за Македонија. Евалуирајќи ги резултатите од оваа активност, планираме истата да ја примениме и на други важни пазари – односно земји од кои доаѓаат туристи во Македонија“, изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.

Како што објаснуваат од ТАВ Македонија, оваа иницијатива е само еден дел од вкупните маркетинг-активности кои ги презема Маркетинг одделот на ТАВ Аеродроми од Истанбул, кои вклучуваат постојано промоција на македонските аеродроми на најважните меѓународни саеми за туризам и авијација, но исто така и промоција на Македонија како туристичка дестинација меѓу светските патници.

Како резултат на ваквите маркетинг активности на ТАВ, во 2016 година еден од најголемите европски тур-оператори Томас Кук почна да лета од охридскиот аеродром, носејќи туристи преку чартер-летовите Брисел-Охрид, додека во исто време минатата година израелската авиокомпанија Аркиа почна со чартер-летовите на релација Тел Авив-Охрид. Годинава пак, почнувајќи од 22. јуни, најголемиот полски тур-оператор Рего-бис ќе почне со чартер летови од Катовице до Охрид.

ТАВ Македонија продолжува да бележи пораст на авиосообраќајот. Во првите четири месеци од 2017 година на двата македонски аеродроми вкупниот број на патници порасна за 8% на годишно ниво. Во истиот период, јануари-април, најфрекфентна дестинација на скопскиот аеродром Александар Велики е Истанбул, со 12,4% пазарен удел, вклучувајќи ги двата аеродрома – Ататурк и Сабиха Гокчен.