ВМРО-ДПМНЕ будно ќе го следи работењето на новото мнозинство и силно ќе се бори за интересите на државата. Државниот ќе остане пред партискиот и личниот интерес. Членството во НАТО и во ЕУ ќе остане приоритет, но и грижата за фер решение на спорот со јужниот сосед, истакна синоќа во Собранието претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
„Народот и понатаму ќе може да смета и да се потпре на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, кои ќе останат на браникот на одбраната на државните и националните интереси на Македонија, но и во функција на развојот и напредокот. Повикот за предвремени парламентарни избори останува отворен. Покажавме што е одговорна власт, што е власт која се грижи за народот, која ги исполнува дадените ветувања, која отвора нови работни места, која прави реформи и напредок“, посочи Груевски.
Тој додаде дека ќе покажат и што е одговорна, но и силна опозиција, која брзо, со поддршка на народот ќе се врати на власт, и ќе го превземе водството на водење на земјата напред и создавање на подобри услови за живот.