Разбиена меѓународна криминална група за недозволена трговија со дрога

Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Единица за недозволена трговија при МВР во соработка со надлежните служби за борба против дрога на Албанија и Грција, а во координација со СЕЛЕК Центарот од Букурешт, Романија, во изминатиот период презeмаше низа мерки и активности со цел сузбивање на меѓународна организирана криминална група инволвирана во недозволена трговија со дрога. Во рамки на спроведената истрага, на територијата на Македонија во изминатиот период беа реализирани два случаи на недозволена трговија со марихуана, во кои беа пријавени четири лица македонски државјани.

По обезбедени докази од претходно реализиран случај во рамки на оваа истрага, вчера (31.05.) Единицата за недозволена трговија во координација со Јавниот обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција и СВР Охрид ги лиши од слобода лицата К.Х. (48) од Струга и С.А. (34) од Скопје, идентификувани како членови на меѓународната криминална група. Против двајцата, како и против двајца албански државјани С.А.Д. (43) и А.Ќ. (44) до ОЈО за гонење на организиран криминал е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело -“неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори’’ предвидено и казниво по член 215 став 3 од Кривичниот законик на Р.Македонија.

Имено, врз основа на спроведена истрага утврдено е дека К.Х. заедно со С.А. во февруари годинава организирале набавка на 38.955 килограми марихуана од НН лица од Албанија, по што К.Х. заедно со двајца албански државјани С.А.Д. и А.Ќ., двајцата од Поградец – Р.Албанија, организирале истата да биде пренесена од Албанија во Македонија по водите на Охридското езеро. Марихуаната била пренесена од страна на лицето А.Ќ. со моторен чамец и истата на брегот од езерото во близина на с.Калишта била превземена од лицето Ф.И. – член на оваа организирана група (кривично пријавен во февруари годинава во реализиран случај и заплена на 38.955 кг. марихуана) кој ја однел дрогата во неговата куќа во с.Калишта, со цел истата да му ја предаде на К.Х., а тој да ја продаде на лицето С.А.