Учество на претседателот Иванов на Состанокот на лидерите од Брдо-Бриони Процесот

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, утре – 3 јуни 2017 година, сабота, ќе учествува на Состанокот на лидерите од Брдо-Бриони Процесот, што ќе се одржи во Брдо кај Крањ, Република Словенија.

Предвидено е претседателот Иванов да се обрати на пленарната сесија на состанокот, а ќе одржи и повеќе билатерални средби.

Се очекува на состанокот на лидерите од Брдо – Бриони процесот да бидат опфатени клучните теми и аспекти во контекст на интеграцијата на регионот во Европската унија и да бидат разменети мислења и информации за актуелните состојби и предизвици во регионот на југоисточна Европа.

На средбата, иницирана од Претседателот на Република Словенија, г. Борут Пахор и од Претседателот на Република Хрватска, г-ѓа Колинда Грабар Китаровиќ, е најавено учеството на претседателот на Сојузна Република Германија, г. Франк Валтер Штајнмаер, на претседателот на Република Србија, г. Александар Вучиќ, претседателот на Црна Гора, г. Филип Вујановиќ, претседателот на Република Косово, г. Хашим Тачи, претседателот на Република Албанија, г. Бујар Нишани и членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, г. Драган Човиќ.