Балканскиот регион мора да се врати на европската агенда и да се врати моќта на ЕУ да ги трансформира општествата на доброволен начин, изјави претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по состанокот со лидерите на „Брдо- Бриони процесот” што се одржува во Брдо кај Крањ во Словенија.
„Таа енергија мора да се врати и во целиот регион да профункционира амбиент во кој ќе се гледа во иднината, а не постојано да се навраќаме кон минатото”, рече претседателот Иванов.
Претседателот Иванов посочи дека Брдо-Бриони процесот е исклучително важен собир на претседателите од регионот кој се одржува веќе петта година. Оваа година во септември домаќин требаше да биде Македонија, но како што рече претседателот Иванов, поради нашите внатрешни околности самитот се одржува во Словенија.
„Македонија ќе биде домаќин идната 2018 година за да се совпадне кога Бугарија ќе биде претседавач со ЕУ и да можеме сите регионални прашања да ги разгледуваме со претседавач од регионот”, изјави претседателот Иванов.
Гостин на годинешниот Самит беше германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер кој, како што рече претседателот Иванов, можел одблизу да се запознае со состојбите во регионот и да ја види реалноста.
„Имаше навистина отворена дебата за сите предизвици во регионот. Не само што Европа е загрижена за регионот, туку и регионот е загрижен за иднината на Европската унија, бидејќи и самата таа е со големи предизвици во овој период”, рече македонскиот претседател.
Претседателот Иванов нагласи дека посетата на Штајнмаер е сигнал до регионот дека останува високо на агендата на ЕУ, но дека и ние самите мора да ги затвораме отворените прашања и да наоѓаме самите решенија.
„Отворање на многу прашања од минатото. Затоа поттикот и неговата искрена намера ЕУ повторно да се посвети на регионот и ги отвори европските перспективи е силна порака”, изјави претседателот Иванов.
Според македонскиот претседател, добро е тоа што германскиот претседател ги слушнал од самите претседатели од целиот регион нивните видувања и концепти како да се затвораат сите отворени прашања.
„Бев отворен и искрен за сето тоа што го доживеавме откако сме кандидат. Веќе имаме девет препораки и извештаи, а се уште не сме добиле датум за почеток на преговорите. Македонија не бара ништо како подарок, туку бара тоа што и припаѓа и ЕУ мора да разговара со нејзината земја членка. Како земја се соочуваме перманентно со кризи затоа што ни се одзема европската перспектива, наместо да се трошиме на исполнување на европски стандарди ние се бавиме со самите себе”, изјави претседателот Иванов.