Заев: Попладне прва седница на Владата, ќе се распределуваат ресорите

На денешната прва седница на Владата ќе се распределуваат ресорите и портфолијата на министрите без ресори и ќе се поставуваат заменици претседатели на Владата, ќе се избира генерален секретар, шеф на кабинет и ќе се воспостават постојните и адхок комисиите во Владата за да може да се постават стартните контури на Владата, најави премиерот Зоран Заев.

На седницата ќе им ги дадам стартните насоки за сите министри согласно програмските определби на Владата. Во првите извештаи сите министри ќе реферираат во Владата, а верувам дека тоа ќе го направи и министерот Тевдовски. Сметам дека треба да ги почекаме нивните согледувања за состојбата на Буџетот. Мој прв впечаток е дека есенва мора да следува ребаланс на Буџетот заради новата владина програма и политики, но тоа зависи и од моменталната финасиска кондиција и ликвидност на Буџетот на Република Македонија, изјави премиерот Заев во одговор на прашање пред почетокот на конференцијата „Жени во енергетика“ што денеска се одржува во Скопје.

Една од темите на неформалниот дел на седницата на Владата, нагласи, ќе биде економскиот пакет на закони што се подготвуваше целиот период додека граѓаните очекуваа нова Влада.

„Тоа е делот за реализација на ветувањата за укинувањето на радидифузна такса, враќањето на евтината тарифа на струјата, социјалниот пакет за најранливите категории на граѓаните,… Дел од овие мерки ќе имаат своја реализација со новиот буџет, а дел ќе почнат веднаш да се реализираат„, потенцира Заев.

Тој посочи дека се размисува за поставување експертски тимови во многи сфери од работата на Владата и додаде дека се уште не е одлучено кој ќе биде портпарол на Владата.

„Се разгледува можноста и новинари да бидат ангажирани во Владата, но само како професионалци без какви било политички предрасуди. Сакаме да се поставиме комплетно отчетно и транспарентно и да бидеме целосно комуникациски поврзани со медиумите„, рече Заев.

Потенцира дека уште денеска би сакал да се сретне со лидерот на ДУИ Али Ахмети за да може да продолжи договарањето за замениците министри, директорите на јавните претпријатија и агенции и распределбата на експерти во владините органи.

Прашан што ќе се случи со најавата за уривање на оградата и отстранување на новиот мебел во Владата, Заев рече дека имаат намера да ја направат Владата отворена за граѓаните и тоа секој ден, а не само на отворениот ден за граѓаните.

„Одлуките за оградата на Владата и за мебелот ќе ги носиме соодветно на нашите согледувања. Мораме да видиме што значи согласно Законот за јавни набавки отстранување на порти или огради. Бетонските столбчиња може да се направат убави клупи за седење, а металните огради да бидат добар покривач на клупите, но да видиме што ќе кажат архитектите и инженерите. Нашата намера и интенција е да ја отвориме Владата за сите. Верувам дека тоа е објект каде граѓаните треба слободно да пристапат, да комуницираат и да бараат информации, како и да даваат сугестии. Владата треба да биде практично цело време отворена, а не само на отворен ден за граѓаните“, рече Заев и нагласи дека од викендов портите на Владата се веќе отворени.

Прашан кога очекува јавниот обвинител Марко Зврлевски да поднесе оставка, Заев рече дека е ред да се даде шанса брзо да почнат реформите во правосудството и додаде дека Зврлевски е еден од симболите за узурпирана правна држава поради што е неопходно што поскоро да си поднесе оставка.

„Денеска е првиот работен ден по мојот повик за оставка и ги очекувам реакциите на јавниот обвинител. Реформите се приоритет на оваа Влада и нешто што граѓаните го очекуваат од нас, а една од најзначајните реформи и реформата во правосудството. Еден од симболите за узурпирана правна држава е Марко Зврлевски и затоа верувам дека што поскоро треба да поднесе оставка,“ посочи Заев.