„Медал за заслуги за Македонија“ за ракометарите на Вардар

Обраќање на претседателот на Р.Македонија Ѓорѓе Иванов по повод доделувањето „Медал за заслуги за Македонија“ за членовите на РК Вардар и признание „Повелба на Република Македонија“ на РК Вардар

Наши ракометни херои,
Почитувани гости,

Нека ни е честито освојувањето на Лига на шампиони во ракомет. Нека ни е честит најголемиот успех на македонскиот машки екипен спорт. Навистина имаме причина да се гордееме и да се радуваме на овој историски успех.

Во името на сите граѓани на Република Македонија имав задоволството и честа да донесам укази за доделување на високи државни признанија на нашите спортски идоли. Со својот подвиг ракометарите на „Вардар” апсолутно ги заслужија високите признанија. Од сè срце ви честитам на огромниот успех.

Со вашата желба, мотивираност, сплотеност и тимски дух ни покажавте дека не постојат искушенија и предизвици кои не можат да се надминат и врвови кои не можат да се освојат. Вие сте пример од кој ќе учат и ќе се мотивираат и сегашните и идните генерации.

Верувам дека овој Ваш успех ја обедини целата нација и дека ќе биде импулс и понатаму заеднички да веруваме и да навиваме, заеднички да прославуваме и да се радуваме, да бидеме сплотени и во победите и во поразите како составен дел од спортот и животот.

Почитувани,

Успехот на Ракометниот клуб „Вардар” не е случаен, тој не е дојден преку ноќ. Веќе четири години РК „Вардар” е во врвот на европскиот ракомет. Тоа секако се должи на инвестирањето во клубот, одличната организација, извонредниот стручен штаб, грижливата селекција на играчи и секако најдобрата публика. Освојувањето на лигата на шампионите е награда за една макотрпна, вредна и континуирана работа.

Победени се екипи кои се великани во машкиот ракомет со многу подолга традиција, поголемо искуство, со бројни трофеи, со звучни ракометни имиња и со буџети неколку кратно поголеми од оние на нашиот шампион. За овој спортски подвиг пресуди и Вашата борбеност, самодоверба и тимски пристап. Прекрасно е да се види како играчи кои доаѓаат од различни делови на Европа дури некои и од сосема друг континент да ги краси единството и вистинскиот тимски дух. Тоа е вредност што не е медал кој виси на градите и може да се освои, тоа е нешто што го имате или немате кај Вас. Затоа сме особено горди што имате големи срца и секогаш ги оставате на теренот.

Сега во сите Вас, нашите млади имаат идоли на кои ќе им се восхитуваат и по чии стапки верувам ќе сакаат да тргнат. Спортот како филозофија на живот треба да биде алтернатива на пороците на денешницата.

Благодарение на овој успех верувам дека сега и да нема дете во Македонија кое не се замислува како ракометар или спортист. Сите заедно да помогнеме овој моментум да резултира со раѓање на нови шампиони.

Драги пријатели,

Македонија живее за спортот и знае да се радува на спортските успеси. Нашиот народ е гладен за трофеи и успеси. За радост и славје, За заедништво и сплотеност. Посакувам и понатаму да има вакви светли мигови и нашите плоштади ќе бидат преполни со граѓани кои се радуваат на големи спортски успеси.

На крајот од ова мое обраќање би сакал уште една да ви се заблагодарам за сета радост што ни ја приредивте.

Ви посакувам уште многу победи и многу трофеи и животни успеси.

Ние сме тука секогаш да ве бодриме и со гордост да навиваме за вас.

Честито Вардар шампионе !