Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, испрати Честитка до премиерот на Република Црна Гора, Душко Марковиќ за приемот на Црна Гора во НАТО Алијансата.
„Во име на граѓаните и на Владата на Република Македонија им честитам на граѓаните и на Владата на Република Црна Гора за огромниот исчекор кон демократскиот свет, преку интеграцијата на вашата држава како 29. полноправна членка на НАТО Алијансата.
Примерот што го дава Црна Гора е порака дека ако има политичка волја и граѓанска свест за важноста на потребните реформски процеси, тогаш нивното исполнување се реализира со потребната динамика и тоа ги отвора перспективите и за луѓето и за државата.
Овој сигнал на отворени врати на НАТО Алијансата е силна мотивација за новата Влада на Република Македонија што ја предводам, да продолжи да работи според демократските вредности и владеењето на правото и вложувајќи во потребната модернизација на Армијата според НАТО стандардите, во најкус можен рок да ја обезбеди атлантската иднина и на Република Македонија.
НАТО е пред се сојуз на демократии и граѓаните на Македонија, како и граѓаните на Црна Гора и на целиот регион, имаат потреба да бидат дел од цивилизираниот свет што носи стабилност и безбедност како во нашите држави, така и во светот“, напиша во Честитката за приемот на Црна Гора во НАТО, премиерот Заев до црногорскиот колега Марковиќ.