Средба Шекеринска – Баришиќ: Хрватска ја поддржува Македонија на патот кон НАТО

Амбасадорката на Република Хрватска во Република Македонија Данијела Баришиќ на денешната средба во Министерството за одбрана со министерката Радмила Шекеринска најнапред упати честитки за назначувањето и истакна дека гледа нов полет во соработката меѓу Македонија и Хрватска. Таа истакна дека билатералната соработка е на одлично ниво и дека соработката ќе продолжи по таа линија.

Министерката Шекеринска упати благодарност за досегашната поддршка и порача дека стратешката цел ќе биде остварена, преку реализирање на вистинските реформи. „Наша цел е да ги искористиме вашите искуства за реформи, професионализација, модернизација, и се надеваме дека таа поддршка ќе ја добиеме од вас“.

Амбасадорката Баришиќ рече дека Македонија ја има поддршката од Хрватска во остварувањето на стратешките цели, членство во НАТО и ЕУ и изрази уверување дека реформите во Македонија ќе бидат реализирани што ќе биде од корист за целиот регион.

На средбата присуствуваше и одбранбеното аташе на Република Хрватска во Република Македонија полковник Маријана Плеша Чадониќ која ги пренесе честитките од министерот за одбрана на Хрватска, Дамир Крстичевиќ за назначувањето и пораката за поддршката на Хрватска дека ќе стори сè што е во нејзина моќ да и помогне на Македонија во остварување на нејзината цел.