Средба на премиерот Заев со норвешкиот амбасадор Бјорнстад

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорот на Кралството Норвешка за Македонија, Арни Бјорнстад.

Реформските приоритети што ќе ги отворат евро-атлантските интеграции на Македонија беа клучна тема на состанокот.

„Владата во својата работа се води од стратешките интереси на Република Македонија, а тоа се перспективите кон Европската унија и НАТО, што ќе осигураат квалитетен живот за сите граѓани на Македонија. Затоа, посветени сме на брзи, квалитетни и ефикасни реформи“, соопшти премиерот Заев.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Заев, најави создавање услови за независни институции, како што се реформите во правосудството, обезбедување професионален здравствен и образовен систем, развој на економијата, што е од огромна важност за егзистенцијата на граѓаните, финализирање на Рамковниот договор.

На средбата беше истакнато искуството со Црна Гора како позитивен пример како е можно постигнување голем исчекор напред и прием во НАТО, низ принципот на активна дипломатија со Брисел што води кон ефикасно исполнување на преземените обврски и напредок.

„Политичката криза во Македонија заврши, демократските процеси ги почнавме и резултатите за напредокот на Македонија на домашен и меѓународен план зависат од волјата на политичарите. Како премиер и како Влада ја преземаме обврската да го водиме овој процес. Во таа насока е и мојата посета на Брисел. Исто така, целосно сме ориентирани кон инклузивен процес на соработка со опозицијата и со сите други општествени чинители, затоа што евро-атлатскиот процес е интерес на сите граѓани и на Република Македонија“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев најави дека е во фаза комплетирањето на владиниот кабинет, преку избор на квалитетни кадри и за замениците министри во Владата и изрази задоволство за мотивираноста на министрите во Владата да работат фокусирано на решавање на потребите и проблемите на граѓаните како врвен приоритет на новата реформска Влада.