Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод терористичките напади во Техеран, упати писмо со сочувство до г. Хасан Рухани, Претседател на Исламска Република Иран.
„Ваша Екселенцијо,
Со згрозеност, вознемиреност и тага ја примив информацијата за ужасниот терористички чин кој се случи во Техеран и искрено жалам за загубените животи од оваа трагедија.
Нема соодветни зборови што ќе ја намалат Вашата и тагата на семејствата на настраданите, но дозволете ми во името на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име да Ви упатам изрази на мое најискрено сочувство.
Терористичките закани можат да бидат поразени само со координиран, заеднички и бескомпромисен одговор. Затоа, сакам да Ве уверам дека одлучно го осудувам ова нечовечно злосторство и дека Република Македонија стои рамо до рамо со целата меѓународна заедница во борбата против тероризмот.
Ве молам, господине Претседателе, изразите на сочувство да ги пренесете до семејствата на трагично настраданите.“ – стои во писмото.